Мајка на болно дете тврди дека е неправедно отпуштена од „Веро“, утре протест за поддршка на работничката

Кети Лешко e мајка на малолетно дете кое чека операција. Низ социјалните мрежи веќе почна да се шири повик за протест за поддршка на работничката, која тврди дека неправедно отпуштена од работа од „Веро“, во време кога била на боледување, поради болното дете. 

Во разговор за Радио МОФ тврди дека несоодветно ја третирале низ стресниот период. Дел од претпоставените, вели таа, и’ вршеле притисок.

„Работев во продавницата на ‘Веро’ кај АМСМ. Вработена бев година и еден месец. Ме унапредија од 1 ноември, а претходно бев прогласувана и за работник на месец. Тоа не ми е дадено тукутака, туку со мој труд! Прво ми дадоа волја и поттик за работа, дека ‘стојат позади мене и ќе напредувам’, меѓутоа кај нив се појави одбивност. Се почувствував загрозена. Се работи два месеци наназад, во кои јас талкам низ проблеми со детето. И ќутев, трпев на работа, не кажував ништо за состојбата, се’ додека не ни’ кажаа дека детето треба да оперира. И дека детето првично има утвредено туберкулоза“, вели таа.

Според Лешко, навремено известила за тековната ситуација и за нејзино боледување препорачано од матичен лекар. Меѓутоа, вели таа, со тековните испитувања се појавиле и други работи кои требале да се обработат и преиспитаат кај детето, па операцијата закажана за 4 јануари се одложила.

„Во четвртокот требаше да се оперира, меѓутоа немавме извадено крвна група, ХИС, предоперативна припрема… Се одложи. Ми најдоа замерка дека сум лажов со дијагнозата на детето“, тврди Лешко.

Kога отишла на 5 јануари на работа, напоменува Лешко, после боледувањето усно и било кажано дека „за неа нема повеќе место“.

„Кажаа дека сум одјавена со 4 јануари, а боледувањето ми е до 4, во 19:27 часот  е затворено кај докторот. Јас веќе тековно, за време на боледување сум одјавена. Го сликав тоа, бидејќи од претходниот ден знаев што ме очекува. Некаде во 16:30 проверив дека немам осигурување. Затоа, не застанувам. Ќе ја терам правдата, знам дека немам некакви отстапки надвор од работата. Прво, да докажам дека не може постојано да си играат, да ги остават работниците, без разлика за кого се работи… Може да биде и друга личност, знам дека повеќето молчат“, вели таа.

Случајот, потврдува таа, е пријавен до трудова инспекција. Oчекува одговор во следните 15-ина денови.

За случајот со Лешко по телефон и мејл ги контактиравме и „Веро“. До објавување на текстот се’ уште чекаме одговори на нашите прашања.

Инаку, протестот за солидаризирање со Лешко е најавен за утре (11.01). Иницијатор е партијата Левица, од каде тврдат дека „Веро“ извршило „бесрамно кршење на работничките права и покажа најелементарно отсуство на човечки сенс“.

„За време на боледување е забрането да се дава отказ! Отказот не може да биде усно соопштен од типот ‘од утре не се појавувај на работа!’ До кога со кршење на законите!? Ако е ‘Веро’, не значи дека е над законите во Македонија! Да го кренеме гласот! Газдите прават вакви работи зашто молчиме! Да ѝ изразиме поддршка на жената што ја изгуби работата додека се грижеше за своето дете и да побараме од ‘Веро’ да ја вратат на работа. Да покажеме дека работничката солидарност не е мртва, дека го немаме изгубено човечкиот сенс!“, стои во најавата за протестот.

Според иницијаторите, се работи за предупредувачки протест. „Ако раководството на Веро не се вразуми, ќе следат и следни чекори“, се вели во најавата за утрешниот собир.

 

Бојан Шашевски