Продолжува сагата со „Иловица“, „Еуромакс“ сега тужи пред Управен суд

Компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ до Управниот суд поднесе тужба против одбиената жалба од Второстепената комисија за рудникот „Иловица“.

Од компанијата со соопштение велат дека се уверени во нивната правна позиција, како и тоа дека остануваат целосно посветени на развојот на проектот.

„Се надеваме дека Управниот суд при разгледувањето на поднесената тужба ќе го поддржи владеењето на правото. Развојот на Проектот Иловица-Штука ќе овозможи значајна корист за локалната заедница како и за економијата на целата државата. Веруваме дека постои начин да се поддржи развојот на Проектот, со што би и се овозможило на Компанијата да управува со безбеден рудник согласно најдобрите светски практики. При тоа, развојот на Проектот ќе отвори многу работни места за локалната заедница и ќе донесе бројни локални инвестиции“, вели Варшан Гокул, претседател и извршен директор на „Еуромакс Ресоурцес“.

Оттаму тврдат дека компанијата досега има инвестирано над 50 милиони евра во истражувањето и дефинирањето на проектот Иловица-Штука.

„Она што е пред нас, не е одлуката дали тука треба да има рудник, туку кој ќе управува со него. Со почитување на принципот на владеењето на правото постои можност да се продолжи со развој на Проектот и со тоа да се покаже на меѓународната заедница дека во државата владее пријателска клима за поттикнување странски инвестиции“, дополнуваат од „Еуромакс Ресоурцес“.

Ова доаѓа откако Второстепената комисијата ја потврди одлуката на Министерството за економија за одбивање за барањето за експлоатација на „Иловица“. Претходно, Владата објави дека дозволата за „Иловица“ е одбиена, бидејќи од „Еуромакс“ не биле доставени сите потребни документи за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.

Случувањата со „Иловица“ досега наидоа на повеќе протести, блокади и реакции од локални граѓани, здруженија и активисти. На крајот од септември, „Здрава котлина“ побараа во најбрз временски период Владата да донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија.

Здрава котлина: Нова победа – Владата итно да го раскине договорот за концесија на рудникот „Иловица“