Здрава котлина: Нова победа – Владата итно да го раскине договорот за концесија на рудникот „Иловица“

Со голема радост и возбуда ве известуваме дека Рудник на смртта во Иловица и Штука – нема да има!, соопштија од „Здрава котлина“, организацијата што се бори против изградба на рудници на Југоистокот.

„Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да му се одбие барањето за дозвола за експлоатација на Еуромакс Ресурси. Со ова решението за одбивање станува правосилно и целосно се отвара патот за конечно одземање на концесијата според повеќе основи наведени во законот за минерални суровини. Очекуваме во најбрз временски период Владата да донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со концесионерот Еуромакс Ресурси“, соопштија од „Здрава котлина“.

Од здружението се заблагодарија на сите кои учествуваа во борбата за екологијата.

„Им благодариме на сите за повеќегодишните напори и залагања за да го зачуваме нашиот крај од отрови и хаварии“, додаваат од здружението.