Здрава Котлина: Блокадите продолжуваат и ќе се интензивираат

Одлуката на Владата во врска со изградбата на рудникот Иловица не е тоа што го очекуваа жителите на Босилово и Ново Село, кои повеќе од една недела го блокираат патот до локалитетот. Велат дека ситуацијата од лани до денес не се сменила.

Владата на вчерашната седница донесе одлука да го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на „Eуромакс“ на локалитетот „Иловица“ и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.

„Минатата година на 63-тата седница на Влада, имаше сличен заклучок во кој на Министерство за економија му се дава 7 дена да изготви информација за исполнетост на услови за раскинување на концесија за експлоатација. На следната, 64-та седница, на Влада имаше две точки, 54 и 55 на дневен ред, што се однесуваа на рудникот Иловица од која првата беше за спојување на концесиите а втората беше информација за исполнетост на издавање на дозвола за експлоатација. И од тогаш наваму ништо не се случи“, се вели во реакцијата на локалната невладина Здрава Котлина.

Тие најавија дека ќе продолжат со блокадите и дека ќе ги прошират своите активности, на регионално ниво, па и во Скопје.

„Нема да дозволиме два пати да ни се случи иста работа, а ние мирно да чекаме. Притоа, додаваме дека нема да дозволиме на мала врата да се протнат рудници и брани во носење на урбанистички планови од посебно значење за државата без јавна расправа како што е предвидено во предлог измените на законот за урбанистичко планирање. Будни сме и се координираме со сите релевантни групи. Рудник нема да има, продолжуваме до крај“, велат од Здрава Котлина.