Влада: Одбиено барањето за издавање дозвола на рудникот „Иловица“

Владата усвои информација за одбивање на барањето за издавање дозвола за „Иловица“, со образложение дека компанијата ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје не ги исполнила законските услови за вршење експлоатација.

Од Владата соопштија дека од Министерството за економија на денешната владина седница информирале дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје.

Во информацијата презентирана пред Владата било утврдено дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација.

Од Владата информираат дека по истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, ќе можат да донесат и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје.

Претходно денеска жителите на Иловица заедно со еко-активистите по осумнаесетти пат го блокираа пристапот до планираниот рудник. Од „Здрава котлина“ потенцираат дека она што започнало како спонтана и непланирана еднодневна блокада, која, како што велат, била испровоцирана од самоволието на компанијата, како и нефункционалноста на институциите, се претворило во две и пол неделна блокада.

Граѓаните осумнаесетти ден во континуитет ја блокираат Иловица