Граѓаните осумнаесетти ден во континуитет ја блокираат Иловица

Жителите на Иловица заедно со еко-активистите денеска по осумнаесетти пат го блокираа пристапот до планираниот рудник. Од „Здрава котлина“ потенцираат дека она што започнало како спонтана и непланирана еднодневна блокада, која, како што велат, била испровоцирана од самоволието на компанијата, како и нефункционалноста на институциите, се претворило во две ипол неделна блокада.

„Цврсто сме решени да останеме на блокадата се додека не се одземе истечената концесија на ‘Еуромакс’. Не нè плашат различните форми на притисок кон нас, ниту ги ставаме на ум разните дезинформации и невистини за нас кои ги шират платениците на Еуромакс“, се вели во објавата на „Здрава котлина“ на Фејсбук.

Претходно, „Еко Долина“ на „Фејсбук“ најавија радикализација и блокади низ целиот југоисток, велејќи дека им е доста од празни ветувања и постојано пролонгирање на роковите.

И „О2 иницијатива“ реагира и прашува до кога ќе се игра со трпението на луѓето, потенцирајќи дека блокадите траат 17 дена на пеколни жештини, борбата трае три години, а неколку пати веќе се пролонгира одлуката.

„Нема објава за денешната седница на Влада која треба да започне за еден час. Точката за донесување на одлука за рудникот во Иловица до сега не е ставена. Министерството за економија до Владата доставило информација за неисполнетост на условите за добивање на дозвола за експлоатација на локалитетот ‘Иловица’. Што значи едностран раскин на договорот за концесија за Иловица. На Владата е да донесе одлука. Ама Владата две години го избегнува носењето на одлука“, објавија денес од „О2 Иницијатива“.

Во соопштението кое го испрати министерството за економија до Радио МОФ пред некој ден, се вели дека тие постапуваат по задолжението на владата.

Жителите го блокираат Иловица, министерството вели дека постапуваат по задолжението на Владата