Премиерна изведба на „Симфонија од дивината“ во Македонската филхармонија

На 11 мај со почеток во 12 часот на сцената на Македонската филхармонија премиерно ќе се изведе „Симфонија од дивината“ („Wild Symphony“), чиј автор е светски познатиот писател Ден Браун.

„Станува збор за проект базиран врз новата, илустрирана детска книга на Ден Браун, најпродаваниот автор според ‘Њујорк Тајмс’, кој се прослави со романите ‘Кодот на Да Винчи’ и ‘Ангели и Демони’. Интересно е што овој светски познат писател ја создаде и музиката за симфониски оркестар која што е инспирирана токму од детската книга.“ – велат од Македонската филхармонија. 

Како што додаваат од таму, „Симфонија од дивината“ е богато илустрирана сликовница, придружена со музичка свита за симфониски оркестар. Во сликовницата се прикажани дваесетина животни и секое од нив има свој засебен став во оркестарската партитура. Овој начин на создавање на музика е инспирација од познатата музичка свита „Карневал на животните“ од Камиј Сен-Санс.

Концертот „Симфонија од дивината“ ќе биде изведен од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ, а наратор ќе биде актерот Мартин Јордановски.