Концерт на Филхармонија со Табаков и перкусионистката Татиана Колева од Бугарија

Оркестарот на Македонска филхармонија со солистката Татиана Колева (Холандија/Бугарија), а под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, во четврток (1 февруари) ќе го изведе концертот „Чистина“.

„На програмата се Концерт за маримба, вибрафон и тапан од Емил Табаков кој ќе биде изведен премиерно и Симфонијата бр.2 во Де-дур од Лудвиг ван Бетовен“, се вели во најавата.

Емил Табаков е автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма, за симфониски оркестар и за други формации. Автор e на девет симфонии, концерти за оркестар, концерти за различни инструменти, „Реквием“, камерни и соло композиции.

Во својата музика Емил Табаков настојува да се фокусира на развојот на динамиката и на структурниот материјал. Критиката го дефинира како композитор кој создава „музика што се движи“. Неговите дела ретко се движат во просторот на индивидуалното созерцание и спокој, тие речиси секогаш се фокусирани напред во времето. Табаков создава дела во кои ја презентира својата впечатлива композиторска техника, со која го развива тематскиот материјал, претворајќи го во музика на тези и антитези, на кулминации и падови. Музиката на Табаков е полна со контраст, но воедно, тој создава дела што можат да ѝ се покорат на тишината, со прекрасно отсликани звучни пејзажи.

„На македонската премиера на ова дело за првпат, овој концерт ќе го свири холандската перкусионистка со бугарско потекло – Татиана Колева. Концертот има класична триделна форма (брз, бавен, брз став) во кои Табаков му дава простор на солистот да ги покаже своите изведувачки перформанси. Во трите става доминира секој од инструментите кои имаат солистичка делница. Има класична триделна форма на брз, бавен и брз став. Во првиот став главен раскажувач на музичката приказна е маримбата, вториот бавен став му е отстапен на вибрафонот, а во третиот финален став, главен збор има тапанот. Рустичниот звук на тапанот, одвреме-навреме во финалниот став го „скротува“ мекиот звук на вибрафонот“, се вели во описот за концертот.

Татиана Колева, која критиката ја препознава како виртуоз и иновативна уметница перкусионистка, досега премиерно извела повеќе од сто дела напишани специјално за неа како солист и за нејзините проекти со поголеми ансамбли. Родена е во Бугарија, а моментално живее во Холандија, каде што ја комбинира својата интензивна концертна агенда со едукативните активности, меѓу кои и работата како професор на Конзерваториумот во Гронинген. Таа е основач и уметнички директор на формацијата „Youth Percussion Pool“ – едукативна и изведувачка платформа за млади професионалци и на биеналниот фестивал „Амстердам маримба викенд“. Татиана Колева настапувала како солистка на најзначајните музички сцени во Европа, САД, Канада, Јапонија, Бразил, Јордан, Мексико, каде настапувала со водечки оркестри и диригенти.

Маестро Емил Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија, студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД.

Концертот ќе започне во 20 часот.