„Помеѓу простори: Патување низ непознатото“ – изложба на фотографии од Еџе Али

Под кураторство на Мелиса Кезмес на 8 ноември, среда,  ќе биде отворена изложбата на фотографката Еџе Али.

Со почеток во 19 часот, на Улица Црногорска 65,  во Ѓорче Петров, посетителите ќе имаат можност да видат дела дела кои ја документираат преокупацијата на уметникот со прашањето на припадноста, борбата за егзистенција низ земјите и конфликтот да се биде далеку/враќајќи се дома, може да се прочитаат како кратки белешки од едно патување: „Начини за враќање дома или човекот не заборава…“.

„Авторката на оваа изложба сама го одредува просторот. Тоа не е некоја галерија во која сме навикнале да гледаме уметнички дела. Просторот за нас е сосема непознат. Мистичен. На ивицата на градот. Тука почнува нашето патување низ непознатото. Домот каде е? Можеби пред сè, пред сите куќи, домот е шупливо дрво во кое се слеваше и исполнуваше детството. Еден ден кога си рековте веројатно можам да заминам од тука, искачувајќи се преку работ излеговте од него, додека во стомакот како змија се витка прашањето што има на крајот од шумата, првото место кое го напуштивте без да размислите за враќање“, пишува Кезмес.

Фотографиите на Али ги отвораат прашањата како „Ви недостига домот?“,  „Дали навистина копнеете по вашиот дом?“,  „Или по минатото?“,  „По себеси од пред да се случат нештата што те променија?“,  „Пријателите?“,  „Семејството?“.

„Далечината те боли, те боли времето што како песок капнува. Овој пат боли безкоренитоста, оти твоите корени не можат да ја задржат почвата на местото од кое се оддалечи. Бесконечен растечки наплив помеѓу два простора. Болка која не се исцелува ниту со враќање, ниту со останување. Срцето стои некаде помеѓу. Можеби конечно престанува да бара дом и решава да стане дом за себе“, се вели во најавата за изложбата.