Ден на пчелите: Тие можат без нас, но ние не можеме без нив

Македонското еколошко друштво (МЕД) информира дека денес, 20 мај, е Светскиот ден на пчелата.

„Мрежата за искуствено учење (МИУ) ги поттикнува учениците да ги совладаат научните концепти преку активности за заштита на пчелите. Придружете се и помогнете да ја зачуваме природата“, соопштија од МЕД.

Од МЕД преку свој блог пост веќе потенцираа дека, ако сакаме да преживееме и живееме во средина со богат биодиверзитет, треба да направиме сè што е во наша моќ да ги сочуваме пчелите бидејќи не зависат тие од нас, туку ние од нив.

„Големо количество храна зависи од опрашувањето на пчелите. Дури една третина од храната која секојдевно ја јадеме зависи од работата на пчелите. Ако се намали популацијата на пчели ќе се намали и приносот на некои растителни култури, а некои може и да исчезнат што ќе доведе неминовно до недостаток на храна за хуманата популација. Покрај ова, да не заборавиме, пчелите продуцираат мед кој содржи разновидни витамини, минерали и корисни шеќери“, се вели во блогот на МЕД.

Од таму се децидни – пчелите се важни за целата планета земја. Тие помагаат во опрашувањето на растенијата и нивното размножување. А тие растенија ни даваат храна која секојдевно ја консумираме.

Фото: Радио МОФ

„Која е причината за намалувањето на бројот на пчели? Главна причина е недостатокот на доволен број медоносни растенија, но и загаденоста на водните екоситеми. Загадената почва дава загадени растенија, екстремни температури, монокултури како и разни видови болести и паразити се причинители на намалувањето на бројот на пчелите. Сепак, глaвниот причинител кој доведува до изумирање на колониите на пчели е употребата на пестициди во земјоделието и овоштарството“, посочуваат од МЕД.

Истовремено, еко-активистите одговараат и на често поставеното прашање: како да им помогнеме на пчелите?

„Најлесен начин да им се помогне на пчелите е садењето медоносни растенија и избегнувањето на употреба на хербициди. Да не се загадуваат растенијата со непотребно прскање со пестициди или ако веќе мораме да ги прскаме, да користиме органскки пестициди. Пчелите не се страшни, страшен би бил светот без пчели!“, се вели во блогот на МЕД.

Радио МОФ веќе правеше голема анализа околу важноста на пчелите, но и какво е влијанието на климатските промени врз овие процеси. Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) 70 од секои 100 земјоделски култури, кои обезбедуваат околу 90% од храната на луѓето, зависат од опрашување од дивите и „припитомените“ пчели. Еден од секој три залаци кои просечен човек ги става во уста се опрашени од пчели, меѓу нив и најголем дел од овошјето и зеленчукот, семињата и јаткастите плодови.

Медот исчезнува пред климатските промени