Белица е првото село во Македонија што почна да произведува струја од сонцето

Селото Белица во близина на Кичево е првата македонска рурална заедница која произведува струја од сонцето. Старото училиште во селото, кое од неодамна има функција на еко центар преку проект на Македонското еколошко друштво и Еко свест, финансиран од Амбасадата на Шведска, доби фотонапонски панели на кровот, од кои со електрична енергија се снабдуваат сите простории во центарот, а вишокот се предава во дистрибутивната мрежа, пишува Новинската агенција Мета.

Идејата за одржливо живеење и користење на природните ресурси, следење на климата и преземање на акции за намлување на климатските промени, ги инспирира жителите на ова место сместено на падините на Илинска Планина, повеќе од десет години да инвестираат во еколошки проекти. Како дел од кичевскиот крај, зависен од употреба на јагленот, Белица е примерот како треба да изгледа вистинската транзиција кон зелена иднина.

Првата зелена комуна во земјата цели кон тоа да живее во традиционалните еко-вредности и со тоа да привлекува туристи – да се организираат традиционални настани, посетителите да се едуцираат за локалните традиции и природните богатства на овој крај, како и да се продаваат еко-продукти.

Ами Ларсон Јаин, амбасадорката на Шведска во земјава, денеска за време на посетата на Белица, посочи дека е голема среќа што рурални отсечени области може да се ревитализираат со искористување на обновливата енергија која ги електрифицира, а истовремено не загадува и нема влијанија врз нивните природни вредности.

Околу 80 отсто од земјата е покриена со планини во кои има различни заедници со богат биодиверитет и природни убавини. Привлекувањето на посетители во нив дава можности за различно искуство од масовниот туризам. Во светот одржливиот туризам ги почитува природните вредости, создзава придходи и истовремено ја штити заедницата, рече Ларсон Јаин.

Белица во земјава е моделот на самоодржливо и еколошки свесно село, посветено на заштита на животната средина преку одржливо користење на природните ресурси како и промоција на културното наследство и природното богатство со цел развој на еко-туризмот. Производството на сопствена чиста енергија и пренамена на училшната зграда во функционален, повеќенаменски, едукативен, регионален еко-центар му дава можност на селото да живее со традиционални еко вредности и тие да им ги претстави на туристите.

Според Жарко Конески од „Еко свест“, локалните заедници се клучните чинители за праведната енергетска трансформација, а Белица е одличен пример како Кичевскиот регион врзан за за јагленот, може да продолжи да живее и да се развива по затворањето на термоелектраната „Осломеј“.

Беличкиот едукативен центар, сместен во зградата на старото училиште веќе неколку месеци користи соларна енергија од фотоволтаични панели. Тоа му обезбедува енергетска независност на објектот да користи енергија за своите потреби, а вишокот да го предава во дистрибутивниот систем.

Според Робертина Брајаноска, извршен директор Македонско еколошко друштво, на локалната заедници и претстои и воспоставувањето на енергетска задруга, која е добар модел што се практикува во светот, но кај нас се уште чека да добие законска основа.

На Илинска Планина, каде е лицирана Белица, познати се нешто над 70 видови на птици, од кои позначајни се орелот змијар, ушест був, црниот клукајдрвец, белогрб клукајдрвец, осојад, а останатите видови како сипките, пчеларки, пупунци се честа глетка која го разубавува пејсажот. Овој предел, кој се смета за коридор за крупни ѕверови, е дом на 35 различни видови цицачи како кафеавата мечка, балканскиот рис и видрата. Многу напуштени куќи не се рушат бидејќи тие се дом на неколку видови лилјаци што се дел од богатиот биодиверзитет на регионот. Зелената комуна, освен што го поттикнува локалното население да се врати на традиционалниот начин на живеење, истовремено ги зачувува и овие природни вредности.

Според Горазд Смилевски од БАС во следните две години целта е зелената комуна да стане регионален центар за едукација, рекреација и спорт, кој ќе понуди конференциски центар, сместувачки капацитети и ресторан со традиционална храна.

Зелената комуна ќе организира настани, ќе едуцира за традиции и вредности, ќе се продаваат еко продукти и ќе ги вклучи и другите села од регионот. Целта е да се привлечат млади брачни парови кои тука би граделе семејство и би развивале еко бизнис. Во план е и да се брендира продукт како белички специјалитет, вели Смилевски.