МЕД креираше друштвена игра во која се спасува биодиверзитетот на Преспа

„Преспа“ е нова друштвена игра креирана од Македонското еколошко друштво, преку која на забавен и креативен начин се мотивираат децата и возрасните да се грижат за заштита на живиот свет во Преспа.

Тие треба да заштитат пет преспански животни, растенија или живеалишта, а за да го постигнат тоа треба повеќепати да го обиколат целиот прекуграничен басен. Попатно се соочуваат со тешки одлуки – од една страна мораат да заработат пари, бидејќи заштитата е скапа, но од друга страна не смеат целосно да снемаат од најважниот ресурс од сите – водата.

Автори се Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво и Македонка Андева кои ја развиваа заедно со прекуграничната мрежа од организации за заштита на Преспа „ПреспаНет“.

За новата друштвена игра ќе биде организирана работилница за деца во рамките на Ехо Фестивалот на планински филм, која ќе се одржи на 26 Октомври во МКЦ. Можат да се пријават млади над 12 години на rabotilnica@ehofilmfest.mk.

Извор: Мета.мк