Изложба за македонскиот биодиверзитет со фотографии од млади истражувачи

Насловена како „Нашиот биодиверзитет“, денеска во Природонаучниот музеј беше отворена изложбата составена од нас 500 фотографии од млади истражувачи, во организација на „Go green“.

Од организацијата посочуваат дека изложбата е резултат на повеќемесечна работа, односно собирање на над 6.000 податоци за биолошката разновидност во Македонија благодарение на околу 200 млади истражувачи од сите региони.

„Во соработка со нашите еко клубови и нивните ментори-наставници ја промовиравме бесплатната апликација за набљудување на природата iNaturalist, преку која младите можеа да учат за природата во нивната близина и да го разберат начинот на кој може да придонесуваат кон научни истражувања“, велат тие.

Од „Go green“ посочуваат дека апликацијата „iNaturalist“ дека денес скоро сите ученици имаат свој мобилен телефон кој со малку обука може да стане наставно средство.

„Оваа апликација може да се користи за собирање и анализирање на податоци за природата, а благодарение на своите милиони корисници и опции за прилагодување таа може да обезбеди и податоци кои се доволно добри да се користат за научни истражувања“, велат оттаму.

Организаторите посочуваат дека младите истражувачи „откриле“ различни видови околу себе, поточно над 1000 различни видови на растенија, габи, инсекти, влекачи и цицачи.

„Младите истражувачи собраа најмногу податоци за видови кои се одгледувани и за животни во заробеништво наместо диви видови, што е јасен индикатор за слабото разбирање на биолошката разновидност како концепт, но и за состојбата на нивната непосредна животна средина“, посочуваат од организацијата.

За учесниците биле предвидени и награди, па добитници на повеќе награди се ученици од училиштето ООУ „7 Марси“ од с. Челопек, Извидничкиот одред „Скаут“ од Куманово, а пофалница добил и ученик од  ООУ „Александар Македонски“ од Скопје.

Изложбата ќе може да се посети до 19 декември во музејот, а во периодот кој следува ќе бидат најавени нови локации на која ќе биде поставена.