Промоција на „Дни, години“ од Димитар Башевски во Градската библиотека

Во вторник (21 мај) со почеток во 12 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе биде промовирано делото „Дни, години“ од Димитар Башевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 година според Струшките вечери на поезијата.

Како што информираат од библиотеката на промоцијата во спомен-собата „Т’га за југ“ за „Дни, години“ ќе говори Иван Додовски, а стихови ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

Според жирито за минатогодишната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, „Дни, години“ претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. 

„Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство“, велат од  комисијата.

„Дни, години“ од Димитар Башевски е во издание на Слово.

Инаку, Градската библиотека во Скопје со децении традиционално го претставува добитникот на престижната награда за најдобро домашна поетска книга меѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата.