Промоција на книгата „Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети

Отскаменување тролови од лоша вештерка, дешифрирање на тврдоглава книга, расправање со таканаречени гатачки, мазење мистериозни бели мачори – ова се само дел од авантурите со кои се соочува книжевната хероина Илина од книгата „Илина и шумските тролови“ на авторката Хана Корнети.

Книгата на младата писателка ќе биде промовирана во сабота, на 23 декемри, во скопскиот локал „Вудсток“.

Со почеток во 12 часот напладне, промоторки на книгата ќе бидат Ана Алексовска и Ника Ќулавковска, a промоцијата ќе биде засладена со безалкохолни коктели за најмладите.

„Не сакам, не сакам, не сакам во недела сабајле да ме влечкаат по гости. Недела сабајле е за цртани и корнфлекс. За будење пред мама и тато да станат и да ми се мешаат во живот. За јадење чоколадо од скришната фиока за која мислат дека не знам. За седење на праз-зеленото килимче од баба пред мама да рече ‘не е чистено, не седи на земја’ и да ми расипе филм. И кога чистат не било чистено, а цело време некој чисти. Преку глава“, гласи краток извадок од книгата за деца.