Чистата, валканата и хибридната – Предавање на Сузана Милевска за екофеминистичките уметнички практики

Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата го организира предавањето на тема: Чистата, валканата и хибридната: Eкофеминистички уметнички практики со Сузана Милевска.

Предавањето ќе се одржи утревечер, со почеток во 20 часот, а ќе биде проследено со дискусија, на англиски јазик и ќе има пренос во живо преку Фејсбук страницата на Локомотива.

„Во своето излагање, Милевска ќе зборува за различни уметнички практики на жени уметници кои го поставиле екофеминизмот како критичка рамка, која не само што нуди свесност за животната средина, туку има за цел и деконструкција на пркосните претпоставки кои опстојуваат преку стереотипното и патријархално хиерархиско сфаќање на креативноста и продуктивноста на жените. Милевска критички ќе се осврне на идејата дека женската уметност е „природно“ поблизу до природата и природната репродукција“, стои во најавата за настанот.

Сузана Милевска е теоретичарка и кураторка на уметноста и визуелната култура. Нејзините теоретски интереси вклучуваат постколонијална критика на хегемонистичките режими на моќта на претставување, феминистичката уметност и родовата теорија, партиципативните и колаборативни уметнички практики.

Докторските студии по визуелна култура ги завршува на колеџот Голдсмитс во Лондон. Во 2004 година, Милевска станува Виша Фулбрајт стипендистка и истражувачка во Конгресната библиотека. Во 2010 година Милевска ја издава книгата „Родови разлики на Балканот“ и ја уредува The Renaming Machine: The Book.

Во 2011 година станува истражувачка во проектот Call the Witness – Roma Pavilion на 54 Меѓународна уметничка изложба – Венециското Биенале – колатерален настан и ги курира изложбите „Call the Witness“, „БАК“, „Утрехт“ и Ромскиот протокoл во австрискиот Парламент.

Во 2012 година Милевска ја добива Наградата „Алис“ за политичко кураторство и Наградата за култура и теорија „Игор Забел“. Од 2010-2012 година е професорка по историја на уметност и теорија на уметности на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, додека во 2013 година предава визуелна култура и род на Институтот за родови студии во Скопје.

Од 2013-2015 е професорка по Централноевропска и јужноевропска историја на уметност на Академијата за ликовни уметности во Виена. Од 2016 година таа е главна истражувачка во Horizon 2020, на проектот TRACES, Politecnico di Milano.

Предавање се организира како дел од проектот Уметност, клима, промена (АКТ) / Други простори програмата во соработка со Каи Театар, Белгија.