Здружението „Музика сега“ со отворено писмо до Министерството за култура

Од Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, упатија отворено писмо до министерката за култура Ирена Стефоска, наведувајќи ги проблемите со кои што се соочуваат музичарите за време на пандемијата од КОВИД-19.

Тие во своето писмо јавно посочуваат дека во неколку наврати побарале средба со министерката, но не добиле повратен одговор.

„Би сакале да укажеме на проблемите со кои периодов се соочуваат нашите колеги музичари кои се регистрирани како Трговци Поединци-самостојни уметници и делуваат како такви во рамките на Министерството за култура. Кај самостојните уметници регистрирани како ТП-Трговец Поединец има три важни проблеми“, се вели во соопштението од „Музика сега“.

Оттаму забележуваат дека првиот од низа проблемите е дека доколку музичарите не се вклучени во наредниот пакет мерки за помош како музичари-самостојни уметници, а влезат во онаа категорија на субјекти кои треба да очекуваат помош каква што ја добиваат дел од фирмите и истата се рефундира во одреден износ, треба да се земе предвид дека ова се субјекти кои едноставно немаат никакви приходи поради забраната за вршење на дејност.

„Тие автоматски немаат никаков обрт на средства на нивните сметки, односно, единствените средства кои ги добиваат и исплаќаат од своите сметки се оние за придонесите кои ги добиваат на месечно ниво од Министерството за култура, а кои овие неколку месеци доцнат од непознати причини“, велат „Музика сега“.

Оттаму бараат итна реакција и поддршка на самостојните уметници од оние кои ги креираат пакетите за помош во услови на пандемија, односно Генерален Секретаријат при Влада на РСМ, советникот г-ин Фатмир, додавајќи дека е потребно  изнаоѓање на итни решенија за вклучување, во овој или следните пакети за помош на погодените граѓани од пандемијата.

„Вториот горчлив проблем е дека Министерството со месеци не ги исплаќа сумите за покривање на придонесите на самостојните уметници и во исто време значително доцни со објавувањето на листата на самостојни уметници на кои им е одобрена поддршката за тековната 2021-ва година. Едноставно самостојните уметници се на мака“, велат од „Музика сега“, додавајќи дека дел од музичарите  периодов преку позајмици ги покриваат своите тековни трошоци поврзани со придонесите на месечно ниво, дел принудени да почнат да ги затвораат своите ТП фирми поради долгови кон разни институции, а на дел им се и веќе блокирани сметките поради неможност да ги покриваат дневните трошоци.

Од Здружението посочуваат и кон трет проблем, односно големиот број проекти кои се реализирани во текот на 2020-та година, а се поддржани од страна на Министерството за култура. Оттаму додаваат дека во проектите се вклучени стотици музичари кои чекаат делумна или целосна исплата.

„Ве замолуваме за итна реакција и исплата и доисплата на средствата за реализираните проекти од 2020-та година, каде се вклучени голем број на наши колеги и истите зависат од овие хонорари во овие кризни времиња“, се вели во писмото од „Музика сега“.