Реакција на СКРМ за отворањето на три нови национални установи за култура

Основање на три нови национални установи од областа на културата вчера објави Министерството за култура.

Од таму посочија дека Владата веќе ја усвоила информацијата за потребата од основање три национални установи, односно „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, „Музички театар“ во Република Северна Македонија – Тетово и „Камерен оркестар на Битола“ – Битола.

По објавата, своја реакција објави Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) од каде го поставија прашањето – „Нема пари во културата или блеф?“

Од Синдикатот истакнуваат дека како културни работници под капата на Министерството за култура биле затекнати од одлуката на ресорното министерство за оформување три нови институции од културата.

„Свесни сме дека овие новоформирани институции може да придонесат позитивно и стимулативно во културните процеси во државата, посебно оформувањето на оркестар во Битола, како еден од поголемите културни центри во државата, и што тоа ќе значи за големиот број талентирани и докажани музичари, а уште повеќе за публиката од овој град. Секако, тука се и младите и талентирани албански уметници и музичари, кои со ова ќе имаат нова платформа на која ќе можат да се изразуваат, да креираат и да творат“, велат од СКРМ.

Од таму упатуваат неколку прашања до Министерството за култура истакнувајќи дека дека формирањето на установите поминало нетранспарентно и без јавна дебата.

„Државата и Министерството за култура како нејзин репрезент, се должни на транспарентност и отчетност пред јавноста за сите процеси што ги засегаат граѓаните. Ние за намерата како и за самата одлука дознавме од соопштението на сајтот на министерството. Зошто една држава, која се стреми кон Европските вредности дозволува вакви пропусти“, пишуваат од Синдикатот.

Културните работници додаваат дека постојано им се укажува на неминовноста од децентрализација на најголемиот број национални установи низ Македонија и задолжителното пренесување на основачките права од државно на локално ниво. Тие посочуваат дека тоа се директивите од ЕУ, со објаснување дека  имало премногу институции кои државата ги менаџира.

„Воопшто не ни е јасно, зошто државата сега се јавува како основач на овие три нови национални установи? Зарем државата оди контра своите заложби? Едно препорачува за во законска регулатива, а друго прави во пракса? Каде се тука директивите на ЕУ? Креира нови национални установи, а веќе постоечките планира да ги децентрализира?“, прашуваат од СКРМ.

Од синдикатот реагираат за тоа која е оправданоста „Смилевскиот конгрес“ да прерасне во Национална Установа, притоа додавајќи дека не ја спорат важноста на Смилевскиот конгрес во македонската историја, но велат дека, во склоп на НУ Заводот и Музеј на Битола досега без проблеми функционирал меморијалниот музеј во с. Смилево, посветен на Смилевскиот конгрес.

Па така, тие прашуваат дали може да очекуваат дека и други музејски поставки, кои се во склоп на институциите од заштитата во иднина, без јавна дебата и евентуално некаков елаборат за оправданоста на истите, да прераснат во национални установи.

Од Синдикатот се осврнуваат и на економската криза, велејќи дека на вработените во културата јавно им било посочувано дека плати можеби и нема да има, при што се барало начини за заобиколување на членот 65 од Колективниот договор за култура.

„Беше кратено од буџетите и од финансиите за реализација на годишните програми под образложение дека финансиите ќе бидат пренаменети за плати, беше препорачувано да се штеди и работи со изгасени сијалици. Не беа реализирани многу потребни вработувања, не се исплаќаа додатоци на плата за отежнати услови за работа согласно Колективниот договор, не се одобруваа финансиски средства за стручните звања во заштитата. Потребните унапредувања се стопирани во речиси сите институции од културата. Постојните институции физички се распаѓаат, а државата нетранспарентно импровизирајќи отвора нови“, велат културните работници.

Тие прашуваат дали финансиската криза во културата завршила, државата најде пари за оформување нови национални институции во културата.

„Дали финансирањето нови вработувања во овие нови национални институции ќе значи: обезбедување финансиски средства за вработувања во веќе постоечките институции каде што е најпотребно, финансиска валоризација на стекнатите стручни звања и унапредувања. Дали вработените во културата следната година ќе ги добијат сите права што им следуваат или ‘немањето пари’ во културата беше само наратив’, подвлекуваат од СКРМ.

Од таму ја повикаа Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска да даде одговори на поставените прашања во реакцијата.

Инаку најавениот „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ и денес функционира како депанданс на Заводот и музеј – Битола, иако е оддалечен повеќе од триесет километри од матичната институција, а е значаен поради тоа што во него, преку текстуални документи и фотографии, е претставено значењето на Смилевскиот конгрес од 1903 година.

ОД Министерството за култура вчера истакнаа дека примарна дејност на „Музички театар“ во Република Северна Македонија – Тетово ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.

Истовремено, новонајавената установа „Камерен оркестар на Битола“ се очекува значително да ја зголеми културната понуда во целиот Пелагониски плански регион, опфаќајќи ги градовите Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Ресен.