Претседателот на Иран и министерот за надворешни работи загинаа во хеликоптерска несреќа

Иранските државни медиуми ја потврдија смртта на претседателот на државата, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амир Абдулахиан кои загинаа во хиликоптерска несреќа во неделата. Хеликоптерот се срушил во провинцијата на Источен Азербјеџан додека се движел кон градот Табриз, јавува „Гардијан“.

Претседателот и шефот на дипломатијата се враќале од Азербејџан каде присуствувале на отворањето на брана на границата со Азербејџан.

Во хеликоптерот имало девет лица според новинската агенција Тасним, меѓу кои и гувернерот на Источен Азербејџан Малек Рахмати, и ајатолахот Мухамед Али Але-Хашим, претставник на лидерот на Исламската револуција во провинцијата.

Во неделата, пред да се пронајдат остатоците од хеликоптерот, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави дека нема потреба за паника и страв за раководството на Исламската Република. Тој рече дека „нема да има прекин во работата на земјата“. Денес тој прогласи петдневна жалост во државата.

Според членот 131 од уставот на Исламската Репувлика, ако се случи претседател на почине додека ја извршува должноста, него го заменува првиот заменик претседател, во овој случај Мухамед Мохбер. Преземањето се случува со потврда од врховниот лидер кој го има последниот збор за сите државни прашања во Иран. Потоа советот составен од првиот заменик претседател, претседателот на парламентот и шефот на судството мора да организираат избори за нов претседател во максимален период од 50 дена.

Русија, Турција и Индија изразија загриженост и понудија помош откако извештаите покажаа дека хеликоптерот во кој бил претседателот е изчезнат, а по потврдата за неговата смрт изразија сочувство.

Индискиот премиер Нарендра Моди на социјалната мрежа „Х“ напиша дека е „шокиран од неговата трагична смрт“ и дека „засекогаш ќе се памети неговиот придонес за зајакнување на билатералните односи меѓу Иран и Индија“.