Пет медали за македонските атлети на Светската специјална олимпијада во Берлин

Вкупно пет медали освоија атлетите од македонската Специјална олимпијада што учествуваше на Светските специјални олимписки игри (Special Olympics World Games), кои се одржуваа во период од 17 до 25 јуни во Берлин.

Од земјава учествуваше тим од 13 атлети во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг.

Од македонските репрезентативци, златен медал доби Агрон Хајредини, атлетика, во категорија „Скок во далечина од место“.

Сребрен медал беше доделен за Јулијана Петровска, атлетика, категорија „Скок во далечина од место“, а со ист таков медал се врати и Стефан Трпковски, пливање, категорија „100 метри грбно“.

Бронзени медали добија Марио Мицковски, пливање, категорија „100 метри слободен стил“ и Јане Никодиновски, бадминтон.

Од македонската Специјална олимпијада велат дека учеството на Светските специјални олимписки игри покажа дека имаме големи капацитети.

„Останатите атлети имаа исто така одлични резултати и демонстрираа неверојатен спортски дух. Докажавме дека можеме да се носиме и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали светска сцена. Задоволни сме дека достојно ја презентиравме македонската држава, а горди дека дури 5 пати нашето државно знаме се вееше на пиедесталот во Берлин – успех кој не се случува ниту секој ден, ниту во некоја друга натпреварувачка категорија“, велат тие.

Моника Бошкоска, претседателката на Специјална Олимпијада, посочува дека за неа, секој еден член, претставник на нашиот тим е победник.

„Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме 5 медали, но уште поважно – ги освоивме и срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници во овие Светски Специјални Олимписки Игри. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно“, изјави Бошкоска.

Фото: Специјална олимпијада

На Светските специјални олимписки игри (Special Olympics World Games) македонската делегација ја претставуваа 13 атлети, 6 тренери, 6 партнери и 5 делегати.

Светските Специјални олимписки игри имаат за цел обединување на различни култури и нации на едно место, без разлика на нивните ставови и размислувања, придонесувајќи за зголемување на степенот на инклузивност преку спортот.

„Оваа година, на игрите настапија над 190 земји со 7.000 репрезентативци, поддржани од над 3.000 тренери и 20.000 волонтери. Атлетите се натпреваруваа на 26 различни дисциплини. За време на оваа манифестација, покрај учеството во натпревари, атлетите имаа можност меѓусебно да се дружат, да се запознаат со голем број луѓе ширум светот, но и да ја демонстрираат моќта на подадената рака – со активна вклученост во различни сфери во општеството, како спортот, до стимулирање на развојот на лицата со интелектуална попреченост“, велат од Специјалната Олимпијада.

Инаку, „Специјална Олимпијада – Северна Македонија“ е формирана пред повеќе од 20 години, таа е дел од „Специјална Олимпијада“ (Special Olympics), светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со над  2.2 милиони активни учесници и околу 750.000 волонтери. Како олимписки партнер на „Меѓународниот Олимписки Комитет“ (International Olympic Committee), „Специјална Олимпијада“ годишно организира и реализира повеќе од 200 национални програми – натпреварувања кои вклучуваат локални, национални, регионални и светски натпревари, турнири и игри.

„’Специјална Олимпијада – Северна Македонија’ функционира како непрофитабилна и невладина организација која опфаќа еден многу важен општествено-социјален сегмент, со посебен акцент кон лицата со пречки во развојот. „Специјална Олимпијада – Северна Македонија“ има 10.000 активни членови, од кои 2.500 се Атлети“, соопштуваат од Олимпијадата.