Берлин ги затемни историските објекти за да штеди струја

Берлин одлучи да ги исклучи светилките на неколку споменици и историски згади преку ноќта како дел од националниот план за заштеда на енергија поради стравување од недостаток на струја преку зимата.

Над 200 различни објекти во главниот град на Германија, меѓу кои и Столбот на Победата, Дворецот Шарлотенбург и општинската зграда, повеќе нема да бидат осветлени преку ноќ.

Градот ќе заштеди трошоци за струја од вкупно 1.400 проектори кои се користат за осветлување на овие локации.

„Поради војната против Украина и заканите од Русија со енергетската политика, важно е да ја користиме нашата енергија што е можно повнимателно“, изјави Бетина Јараш, сенаторка за екологија, мобилност и потрошувачи во Берлин.

За да се запрат автоматските механизми кои ги вклучуваат светлата кога се стемнува, сепак ќе биде потребна човечка интервенција, за која проценките се дека ќе бидат потребни неколку недели. Првично Берлин нема да заштеди пари како резултат на оваа мерка, бидејќи цената на интервенирањето ќе чини исто колку и цената за осветлувањето на овие објекти во текот на една година, околу 40.000 евра.

Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер, оваа недела беше еден од првите кој даде пример за поголемо штедење струја, објавувајќи дека неговата официјална резиденција во Берлин, Палатата Белви, нема повеќе да биде осветлена преку ноќ, освен за специјални настани како официјални државнички посети.

Веќе неколку недели германскиот канцелар, Олаф Шолц, повикува на национална мобилизација за штедење енергија, откако цените на енергенсите експлодираа по руската инвазија врз Украина. Русија во последниот период драстично ја намали испораката на гас во Германија, која е еден од најголемите купувачи на овој нивен енергенс.