Универзитетите ветуваат физичко присуство во топли предавални, а за сметките ќе се снаоѓаат

Загревањето на универзитетските предавални во тековната грејна сезона е предизвик за државните универзитети и предизвика загриженост на студентите, кои по две години учење од дома, конечно се вратија назад во амфитеатрите.

За ова реагираа и од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) од каде упатија апел дека онлајн наставата треба да биде последна излезна стратегија.

„Образованието е последната гранка од општеството која треба да биде директно погодена од последиците кои ги носи енергетската криза“, нагласија од УСС УКИМ.

Истовремено, државните високообразовни институции, според новите владини мерки за штедење на струја, не беа вклучени на регулираниот пазар за снабдување со електрична енергија, како останатите образовни институции.

Радио МОФ ги контактираше петте државни универзитети во земјава по ова прашање. Дел од нив ни одговорија дека ќе се потрудат претстојната зима енергетската криза да не биде причина за академската 2022/23 повторно да ги врати студентите да учат од дома.

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) – Скопје не’ информираа дека нивните главни заложби се да се задржи физичкото присуство на факултетите поради високиот квалитет и ефикасност на наставата во таков формат.

„Имајќи ја предвид целокупната ситуација на пазарот за електрична енергија ги задолживме своите единици – факултетите и институтите да направат индивидуални програми за штедење на струја и да ги достават до ректоратот на УКИМ. Мерките се различни, зависно од потребите на факултетите и единиците. Некои од факултетите веќе инвестираа во енергетска ефикасност, односно вградија фотоволтаични колектори и термоенергетски фасади, некои извршија замена на светилките со штедливи сијалици, дел од нив можеби еден ден во неделата ќе воведат онлајн настава, исклучување на пумпите за греење за време на викендите и слично“, вели ректорот на УКИМ, проф. д-р. Никола Јанкуловски.

Јанкуловски уверува дека засега е планирано наставата да се одвива со физичко присуство, со оглед на тоа што, како што вели, првпат од постоењето на Универзитетот наставата беше насилно прекината за време на КОВИД-19 пандемијата.

Но, доколку условите за снабдување на електрична енергија се влошат и дојде до рестрикции можно е еден ден во неделата, пред или по викендите, наставата на некои од факултетите, каде има можност за тоа, да се одвива онлајн. Можно е наставата и да се компримира во една смена до 16 часоттака што во попладневните часови нема да има активности во просториите на факултетите“, посочува Јанкуловски. 

Предавална на УКИМ / Фото: Радио МОФ

Најголемиот државен универзитет во земјава, како што ни објаснува ректорот, се соочува со уште проблеми. Имено, УКИМ од 2017 година набавува електрична енергија на групен тендер за целиот Универзитет. Но, од почетокот на оваа година договорите за набавка на струја по фиксни цени се укинати, а од средината на оваа година сметките се уште покачени поради растот на цените.

„Освен цената на струјата УКИМ се соочи и со драстично покачување на цената на парното греење од две причини: едната е тоа што со одлука на Регулаторна комисија за енергетика сме симнати од категорија ‘образование’ каде цената на парното греење е на трипати пониско ниво од цената на која ја плаќаат големи индустриски корисници, каде сме префрлени од јануари оваа година. И второ, поради покачување на цената на топлинската енергија. За овој проблем сигнализиравме и до Министерството за образование и наука (МОН), но за жал досега немаме повратна информација ниту позитивен став“, вели Јанкуловски.

Во август годинава Владата на Република Северна Македонија донесе пакет мерки за заштеда на струја во кои меѓу другото е наведено и да се намали потрошувачката на енергија за 15% споредбено со истиот месец од претходната година.

„Анализата што ја направивме во поглед на потрошувачката на струја покажа дека оваа година имаме помала потрошувачка на струја во киловат часови мерено со истиот период минатата година, но цената на берзите драматично расте и во поглед на фиксната цена која ја плаќавме до пред неколку месеци според претходниот Договор за набавка на електрична енергија, сега цената е за шест пати повисока, бидејќи цените на HUPEX неверојатно растат“, вели Јанкуловски. 

Сепак, тој додава дека главните заложби на УКИМ ќе се насочат кон тоа и високото, како основното и средното образование да се стави на регулиран пазар на електрична енергија бидејќи, како што потенцира, тоа е во полза и на државните универзитети и на МОН.

Амфитеатар на Филозофскиот факултет при УКИМ

Кон истата цел се стреми и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, од каде ни изјавија дека не планираат кратење на наставата или нејзино пренасочување од дома, а воедно и дека направиле максимални напори за намалување на потрошувачката на енергија.

„Решението го гледаме во инсталирање на фотоволтаични системи, веќе имаме направено одредени пресметки. До пролет ќе пробаме со сопствени средства да пренамениме еден објект. Другите објекти ги приспособивме да бидат на нафта, односно тоа го направивме онаму каде што беше можно бидејќи тој систем е најфункционален сега“, вели ректорот проф. д-р. Дејан Мираковски.

Тој вели дека на овој начин се трудат колку што е можно да ја овозможат наставата со физичко присуство, но доколку бидат приморани на тоа, би понудиле хибриден пристап до факултетските единици за своите студенти.

„Имаме резервна хибридна опција за која се надеваме дека нема да има потреба. Сепак, да истакнеме дека имаме релативно добри онлајн системи што функционираат одлично. И покрај тоа, доколку дојде до втората опција предавањата да се слушаат онлајн, ќе се потрудиме лабораториските вежби да се одвиваат со физичко присуство, додека аудитивните предавања за кои има услови, може да се слушаат и онлајн“, забележува Мираковски.

Универзитетот во Тетово се’ уште нема направено стратегија за справување со енергетската криза.

„Се’ уште анализираме и немаме конечна одлука. Но, се разбира со решението сакаме да им излеземе во пресрет на студентите“, изјавија кратко оттаму.

Универзитетот „Св. Климент охридски“ (УКЛО) – Битола на 14 октомври донел решение за определување одговорни лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на електрична енергија.

Согласно решението, овозможувањето на непрекинат тек на наставата со физичко присуство УКЛО го планира со надгледување и планирано користење на електричната енергија, тогаш кога таа е неопходна.

„Ќе се води грижа за надворешното осветлување пред ректоратот, ќе се води грижа и за внатрешното, тоа де не биде вклучено кога има доволно дневна светлина, и да не се вклучуваат грејни тела освен парно на нафта во канцелариите на ректоратот. Во сезона на ладење ќе се внимава климатизерите да не се местата пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени. Ќе се проверува дали светилките и компјутерите се вклучени кога просториите се празни и ќе се внимава на тоа да се печатат само толку документи колку што се неопходни за работа“, стои во решението за заштеда на електрична енергија што од УКЛО го доставија до нас.

Предавање на Универзитетот во Тетово / Фото: Фејсбук страна на Универзитетот

Прашања испративме и до Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, но до објавувањето на овој текст оттаму не ни испратија одговори.

Во Законот за високо образование, во делот за финансиска автономија, член 10 став 1 пишува дека Јавните високообразовните установи самостојно располагаат со средствата добиени од партиципација од студентите и/или школарина од студентите, како и со другите сопствени приходи, а подолу во член 5, повторно се напоменува дека високообразовните установи самостојно одлучуваат за акумулацијата на финансиските средства.

Земено овие ставки од Законот, универзитетите имаат самостојна функција при располагање на средствата и тоа е утврдено според правото на автономија при управување, финансии и кадри што го уживаат сите универзитети другите високообразовни институции.

***ДОПОЛНУВАЊЕ

По објавување на овој текст, одговор стигна и од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид од каде нагласуваат дека не е донесена одлука за промена на начинот на спроведување на наставата во тековниот зимски семестар освен во случај кога предметниот наставник ќе одлучи дел од наставата да се изведува онлајн, но ваквиот исклучок не смее да надмине 20% од предвидениот фонд на часови. 

„Согласно одлуката на Сенатот од 31.08.2022 година, предавањата и другите активности кои ја сочинуваат наставата на прв циклус студии на сите студиски програми во зимски/непарен семестар во новата академска 2022/2023 година се одржуваат со физичко присуство во просториите на Универзитетот. По исклучок, по одлука на предметниот наставник, дел од предавањата и другите активности кои ја сочинуваат наставата може да се изведуваат онлајн, со примена на средства за електронска комуникација. Исклучокот не смее да надмине 20% од вкупниот фонд предвидени часови во семестарот (односно не повеќе од 3 седмици во семестарот по предмет)“, стои во одговорот.

Од Универзитетот додаваат дека по седниците на Ректорската управа е назначено лице кое ќе води грижа за намалување на потрошувачката на електрична енергија.

„Задолженото лице применува чести контроли во сите простории на Универзитетот во текот на работното време, а особено после завршувањето на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15% споредено со истиот месец од минатата година. Од споредба на фактурите за потрошена електрична енергија од септември 2021 и истиот месец во 2022 година, Универзитетот бележи заштеда на потрошувачката од 22%“, информираат оттаму.

Ангела Бошкоска