За 1,7 отсто намален бројот на запишани студенти во 2020/2021

Во академската 2020/2021 година се запишале вкупно 50 881 студент, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Ова претставува намалување за 1.7 % во однос на академската 2019/2020 година.

Прва година на студии запишале 12 365 студенти или 24.3 %. Овде се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати, посочуваат од ДЗС.

Нивните податоци велат дека најголем број студенти (83.8 %) се запишани на државните високообразовни установи, додека 15.5 % се запишани на приватните високообразовни установи. Бројот на запишани студентки, пак, изнесува 29 482 или 57.9 %.

На најголемиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, студираат вкупно 22 489 студенти, од кои 21 388 се редовни.

Втор на листата по број на запишани студенти е Универзитетот во Тетово, каде во академската 2020/2021 година имало вкупно 7631 студент. Следен е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со вкупно 6951 студент, додека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 3.485 студенти.

Најмалку бројни по студенти се Универзитетот „Мајка Тереза“ со 1237 студенти и Универзитетот „Апостол Павле“ во Охрид, каде се запишани вкупно 307 студенти.

Во однос на приватните високообразовни установи, најмногу студенти има Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се запишани вкупно 2.024 студенти, а по него доаѓа Југоисточно-европскиот универзитет – Тетово со 1.660 студенти и Универзитетот АУЕ-ФОН во Скопје со 834 студенти.

Бројот на дипломирани студенти опаднал за 12.3 % – најмногу дипломирале економисти