Како државните универзитети ги губеа студентите [Инфографик]

Претходнава академска година на државните високообразовни институции во Северна Македонија се запишале само 9209 студенти во прва година, што претставува драстично намалување од 45% во споредба на бројот на студенти во академската 2013/2014 кога се регистрирани најголем број бруцоши година последнава деценија.

Процентуално падот е најголем на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (УКЛО), каде во последните 10 години бројот на бруцоши е намален за три пати, додека во бројки најголемо намалување има кај најголемиот македонски универзитет, „Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ), кој последнава деценија има скоро 3.000 бруцоши помалку.

Додека на државните има сè помалку нови студенти, на приватните универзитети последнава академска година биле запишани 3.066 бруцоши, најголем број последниве 10 години. Изминатава година најголем раст има забележано Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, кој во прва година запишал двојно повеќе бруцоши во споредба со академската 2019/2020.

Со падот на новозапишаните студенти логично намален е и бројот на дипломирани. На државните универзитети бројот е намален за третина последниве десет години, додека кај приватните универзитети бројот на дипломирани во истиот период е намален за 20 проценти. Од државните, УКЛО и УКИМ имаат најголем пад, додека Универзитетот во Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип имаат најголем раст во дадените дипломи. Кај приватните, Европски универзитет и Универзитетот АУЕ/ФОН имаат најголем пад во бројот на дадени дипломи, додека Меѓународниот балкански универзитет има најголемо покачување во бројот на дипломирани студенти.

Целосните податоци погледнете ги во инфографикот во продолжение:

Даниел Евросимоски