УСС УКИМ: Онлајн наставата треба да биде последна излезна стратегија

Од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), упатуваат загриженост поради како што велат, гласините кои циркулираат помеѓу јавноста и студентите, односно, можно враќање на онлајн наставата на факултетите како последица на енергетската криза.

„Упатуваме јавен апел до сите надлежни институции и засегнати страни дека тоа не само што не е единственото решение, туку треба да биде последна излезна стратегија“, посочуваат од УСС УКИМ.

Оттаму посочуваат дека префрлувањето на факултетската настава онлајн може да доведе до проблеми на подолг рок како создавање на некомпетентно младо работоспособно население, намалување на продуктивноста и проактивниот живот на студентите, како и изоставување на вмрежувањето помеѓу студентите.

Од УСС УКИМ напоменуваат дека образованието е последната гранка од општеството која треба да биде директно погодена од последиците кои ги носи енергетската криза.