Петиција за враќање на полното работно време на читалната во „Браќа Миладиновци“

Од Универзитетското студентско собрание при УКИМ повикуваат на потпишување на петицијата со која се бара враќање на полното работно време на читалната „Браќа Миладиновци“.

Оттаму велат дека упорно испраќаат аргументирани барања до библиотеката „Браќа Миладиновци” за продолжување на работните часови, а од библиотеката упорно ги одбиваат под изговор дека ситуацијата со коронавирусот не дозволува услови за да се прифати барањето.

„Колоквиумската сесија е во тек, а многу наскоро ни се ближи и испитната сесија. Студентите се претежно вратени во Скопје, и често условите во нивниот дом не им го дозволуваат потребниот мир и амбиент за учење. Наше е да застанеме во одбрана на студентскиот интерес, и да не прифатиме никакви изговори кога гледаме дека дискотеките се отворени и преполни“, велат од УСС УКИМ.

Од студентското собрание велат дека учењето во библиотеките би се одвивало со почитување на заштитните мерки од коронавирусот, односно носење маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција на рацете.

Од УСС дополнуваат дека, за разлика од отпорот кој се јавува кај Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, барањето за враќање на полното работно време на читалните веднаш било прифатено од Државниот студентски центар.

Па така, читалните во состав на студентските домови во Скопје ќе имаат работно време 24/7 и вработено лице кое го одржува редот во читалната и запазува на почитувањето на ковид-мерките.