МОН ќе ги изедначи стипендиите за сите студенти

Министерството за образование и наука (МОН) се согласи да ги изедначи стипендиите за сите студенти, информираат од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ).

„По јавниот апел од страна на студентите кој резултираше и со онлајн петиција, барањето и притисокот од УСС, МОН се согласи за изедначување на стипендиите“, соопштуваат од УСС УКИМ.

Од Министерството минатата година беше најавено покачувањето на студентските стипендии, така што, оттаму тогаш известија дека социјалните стипендии за студентите од 3.300 денари, ќе се зголемат на 6.050 денари, а стипендиите за студентите по хемија, физика и математика ќе добијат покачување на 18.000 денари бидејќи се дефицитарен кадар.

По објавувањето на Конкурсот за аплицирање за стипендии беше нагласено дека покачувањето ќе биде пресметано само за студентите кои се запишуваат во академската 2021/2022 година, по што студентите кои се веќе запишани со онлајн петиција реагираа дека покачувањето треба да биде еднакво за сите.