Објавени конкурсите за доделување на ученички и студентски стипендии

Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување на ученички и студентски стипендии за учебната, односно студиска 2021-2022 година.

Заинтересираните кандидати за аплицирање, можат да ги погледнат конкурсите на следниот линк. Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање со цел остварување на правото на користење на соодветната стипендија.

Од оваа година, постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Учениците и студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.

Оттаму информираат дека ќе обезбедат поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат, кој ги исполнува условите за одредена категорија на стипендии, преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во овој сектор, се наведени на следниот ЛИНК.

МОН претходно соопшти дека годинава го зголемува износот на стипендиите. Така што, социјалните стипендии за студентите кои изнесуваа 3000 денари, отсега се зголемуваат на 6000 денари, а ученичките кои варираа од 2000 до 2900 денари, се усогласуваат на 3500 денари. Студентите по хемија, физика и математика ќе добиваат покачување на 18 000 денари бидејќи се дефицитарен кадар.