Објавен конкурсот за студентски стипендии за академската 2022/2023

Министерството за образование и наука (МОН) го објави Конкурсот за доделување на студентски стипендии за академската 2022/2023 година.

„Предвидено е да бидат доделени вкупно 3.000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории, кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области“, информираат од МОН.

Како што и претходно кажа министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, оваа година за прв пат ќе се доделат 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки.

Новина се и 15 стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Исто така, 15 стипендии се предвидени за прв пат и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

За редовните студенти од социјалните категории се наменети вкупно 1.470 стипендии. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

Во годинешниот Конкурс, министерството предвидува 15 стипендии за студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Предвидени се и 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 8,00 просечен успех.

За запишаните на студиските програми по хемија предвидени се 30 стипендии, 20 ќе им се доделат на студенти запишани на физика и 20 на студентите по математика.

Од МОН информираат дека ќе се обезбедат и 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

„Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно“, соопштуваат од министерството.

Во Конкурсот се наведени сите услови, критериуми и потребните документи за аплицирање со цел остварување на правото на користење на секоја категорија на стипендии.

Оваа година аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот на МОН и, како што нагласуваат оттаму, веќе нема да се прифаќаат хартиени апликации преку архивата на министерството. Рокот за аплицирање трае до 5 декември 2022 година.