Стипендии од 18.000 денари за студентите на земјоделски, шумарски и ветеринарен факултет

По повод 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска учестуваа на академскиот час на Факултетот за Земјоделски науки и храна.

На средбата се зборувало за иницијативата која започна на почетокот на оваа година, односно зголемување на интересот кај младите за изучување на овие струки, како и идејата за воведување на стипендии наменети за студентите од трите струки – земјоделската, шумарската и ветеринарната.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека во соработка со Министерството за образование и наука, Владата донела одлуја за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард, со што овозможи услови за доделување на стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на земјоделскиот, шумарскиот или ветеринарниот факултет во сите универзитети и високообразовни установи во државата, со месечна стипендија од 18.000 денари за девет месеци во годината.

„За мене токму овие три факултети имаат најголемо значење и придонес во државата, бидејќи создавааат нови генерации млади и стручни академски граѓани, кои со своето знаење треба да помогнат во развој на земјоделскиот сектор, зачувување на шумите, заштита и нега на сточниот фонд во државата и заштита на јавното здравје на граѓаните. Развојот на земјоделството како стопанска гранка почнува токму од тука, од образовните институции. Токму затоа се гордеам со сите вие млади луѓе кои сте одбрале да изучувате еден од овие три факултети“, изјави Николовски.