Објавен јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања

Министерството за економија денеска го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година, информираше министерот Крешник Бектеши преку неговата Фејсбук страница.

Согласно јавниот повик, над 7.500 домаќинства со ниски приходи во период од 12 месеци ќе добиваат од 600 до 800 денари пониски сметки за струја.

Финансиска поддршка ќе добијат домаќинствата чии редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари и тоа за самец до 15.194 денари, домаќинство со два члена до 18.000 денари, домаќинство со три члена до 21.000 денари, домаќинство со четири члена до 25.000 денари и домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари.

Доделувањето на финансиската поддршка го врши Министерството преку селекција на пристигнатите барања од домаќинствата со примена на принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година за секоја од категориите наведени во овој оглас, се до исцрпување на предвидените средства согласно програмата, велат од Министерството.

Право на учество на јавниот оглас имаат лицата со ниски кои ќе поднесат Образец за барање за искористување на финансиска поддршка кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на Министерството.

Со барањето за искористување на финансиската поддршка барателот до Министерството за економија задолжително треба да достави:

-изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна (образецот на изјавата ќе може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет
страната на министерството;

-потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за висината на исплатената пензија во 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки за 2021 година за подносителот и на членовите на домаќинството (доколку се вработени или приматели на пензија);

– потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија со која се докажува дека членовите на домаќинството не се вработени, доколку истите не се вработени и/или потврда од Фонд за ПИОМ дека членот на домаќинството не е примател
на пензија.

-доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни лица, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството);

-фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството;

-лицата со ниски примања 1 (самец) доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна. Образецот на изјавата (ЗА САМЕЦ)
може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството

-фотокопија од лична карта на барателот и членовите на домаќинството (доколку се полнолетни).

„Барањето за искористување на финансиска поддршка заедно со потребната документација, барателите по пошта ќе го достават во затворен плик до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15, 1000 Скопје, со назнака – јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година, име и презиме и адреса на барателот и задолжително назнака за број на членови на домаќинството (самец, домаќинство со два члена, домаќинство со три члена,
домаќинство со четири члена, домаќинство со пет члена и повеќе)“, се додава во соопштението на Министерството.

Оттаму додаваат дека на ранливите потрошувачи на енергија согласно програмата коишто користат гарантирана минимална помош и остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во согласност со член 42 од Законот за социјална заштита и старите лица согласно член 7 од Законот за социјална сигурност на стари лица не им следува финансиска поддршка од овој оглас.

Потребната документација за аплицирање може да се најде на следниов ЛИНК.