Ладни јадења и вечери со свеќи во ресторани низ Брисел поради поскапувањето на струјата

Некои бриселски ресторани во следните четири дена на менито ќе имаат само ладни јадења, а вечерата ќе ја служат на свеќи, сакајќи да го свртат вниманието на тешкотиите со кои се соочуваат поради поскапувањето на струјата, пишува Еурактив.

Готвачите од денеска до недела нема да користат шпорети и рерни, а гостите ќе можат да нарачуваат само јадења и пијалоци за кои не е потребно да се вклучат електрични апарати.

„Ќе биде потребен труд и имагинација за да обезбедиме рецепти за нашите клиенти без да ја користиме нашата опрема. Ова ќе значи послужување ладни јадења или користење на скара, бидејќи ќе исклучиме сè, освен фрижидерите, кои се важни за чувањето храна“, изјави сопственичката на ресторанот „Пиа Ренода“.

Сопственичка на ресторан во Валонија, Роксен Годфроа изјави дека повеќе не може да ги плаќа сметките, па затоа ќе мора да го затвора својот ресторан три или четири дена во неделата и да работи на друго место.

„Порано плаќав 380 евра месечно за струја, а сега плаќам 1.050 евра“, рече таа.