Чесите ќе добиваат компензација од државата штом сметките им надминат 30% од приходите

Чешкиот премиер Петр Фијала вети дека поради поскапувањето на енергенсите ќе ги обесштети граѓаните преку станбен додаток, на сите чии комуналии надминуваат 30 отсто од приходите, а во Прага кога ќе надминат 35 отсто од приходите.

„Владата нема да дозволи никој да пропадне. Граѓаните ќе плаќаат најмногу 30 отсто од приходите за домување, во Прага 35 отсто, вклучувајќи ги сите плаќања за енергија. Сите трошоци над 30 отсто од приходот државата е спремна да ги плати“, рече Фијала, а пренесе телевизијата ЧТ.

Додатокот за домување во Чешка не е новост и досега беше еден вид социјална помош за најсиромашните семејства, а премиерот Фијала сега апелираше до граѓаните да не се срамат да го бараат, и оние кои немаа право на тој додаток до овогодишното зголемување на трошоците за енергија.

Во првата половина од годината државата преку станбениот додаток исплатила околу 208 милиони евра. Кон крајот на август ќе бидат познати и деталите за посебната поевтина тарифа за струја и гас за домаќинствата, во чии рамки државата со 2.5 милијарди евра ќе ги субвенционира трошоците за скапата енергија на граѓаните за следната грејна сезона.

Министерството за индустрија и трговија почнува да ги проверува и авансните плаќања што енергетските компании ги испраќаат до потрошувачите бидејќи се множат информациите дека се злоупотребува поскапувањето и потрошувачите плаќаат аванси повисоки од крајните трошоци. трошоците на крајот.