НМСМ ја поддржува иницијативата за пренамена на „Купром“ во студентски град

Националниот младински совет на Македонија целосно ја поддржува иницијативата на Културно Ехо за ревитализација на старата фабрика „Купром“ во Скопје и пренамена во отворен студентски град.

„Сметаме дека на младите во државата им е неопходен слободен простор за креативно изразување и оваа иницијатива е можност за отворена поддршка на младите и поттикнување на младинскиот активизам и урбаната култура во градот. Властите и институциите мораат да имаат слух за младинските иницијативи и активно да работат за подобрување на квалитетот на живот на сите млади во државата“, велат од НМСМ.

Затоа, ги повикуваат Агенцијата за млади и спорт, Министерството за образование и наука и Владата да не ги игнорираат визијата и добрите идеи на младите и целосно да ја поддржат оваа иницијатива.

„Само со позитивни примери за соработка и поддршка на изворни младински иницијативи можеме да веруваме дека младите стануваат приоритет во државата“, велат од НМСМ.

Пред една недела, иницијативата Културно Ехо ја претстави својата идеја на отворениот ден за граѓански иницијативи во Владата. 

„Ние предлагаме далеку понадежна и понапредна варијанта, а тоа е следното: најпрво, да се стави мораториум на парцелата, фабриката да се заштити како културно-индустриско наследство, за потоа извонредната градба на фабриката „Купром“ целосно да се обнови во студентски град, опремен со соби за состаноци, соби за предавања, читални, сала со бина, сала за јога и фитнес рекреација, работилници со производствени машини и сквер на занаетчии, соби за престој на млади од другите градови на Македонија и од странство, и буквално сè друго што им недостига на младите (и на сите други генерации), а им е потребно на ниво на град. Пред сè, овој студентски град ќе има за цел да делува во насока на промоција на мултикултурниот карактер на Македонија. Токму оваа улога може да ја исполнува спасениот Купром. Секој што се грижи по ова прашање веќе има забележано дека освен на зелените пазари, луѓето од различните етнички, јазични и верски заедници речиси и да немаат интеракција едни со други. Да им дадеме слободен простор на младите од сите етнички заедници, а #УрбанатаКултура и #НеформалнотоОбразование да претставуваат сврзно ткивно кое ќе ги унапредува односите помеѓу сите етнички заедници“, предложи Симона Димкоска од Културно Ехо на отворениот ден.

[Аудио] УраЗаКултура: Ако оживеат напуштените заборавени простори, ќе оживее и заедницата