[Аудио] УраЗаКултура: Ако оживеат напуштените заборавени простори, ќе оживее и заедницата

Напуштените и заборавени простори се потенцијал за колективен ангажман и за нови, неискористени можности за заедницата. Според граѓани, уметници и активисти, со оживување на вакви објекти, доколку станат самоодржливи и функционални, можат да донесат разни активности за локално население и организации – дебати, работилници, проекции, културни настани, да биде простор за дружење, за состаноци, јога, за родители или лица со нетипичен развој… 

Една таква подзаборавен oбјект е Железничката зграда на улица „Борка Талевски“ број 26 во Скопје, каде некогаш живееле 400 деца. Во некои станови егзистирале по две фамилии. Големиот заеднички двор мирисал на ајвар и се печела ракија. Овде, Мирко од првиот влез изградил канал и ги поправал колите на комшиите. Киното во Железничката колонија е отворено во 1959 година. Во салата се одржувале состаноци, приредби, филмови. Тука е снимен дел од „Среќна нова 49-та“. Зградата е позната и по односот со животните. Во еден стан, Перо чувал 49 мачки, година што го асоцирала кога бил однесен на Голи оток.

Овие приказни, меѓу фактите и фикцијата, се врежани во старата фасада, руинираните ѕидови, терасите со закачени алашта и зелениот двор на Железничката зграда. Таа е некогашен репрезент на историска вредност, на солидарност и заедничко домување. Беше дел до истражувачкиот перформанс на Факултет за работи што не се учат.

Таа е дел и од нашиот прв од серијата подкасти #УраЗаКултура:

Уметникот и активист Филип Јовановски вели дека историски гледано, Железничката зграда е некаков обид за утопија. Сега се распаѓа, иако во 40-ите години е проектирана како големо семејство.

„Тоа нас ни е уствари најголемиот предизвик, некаков тригер да работиме со оваа зграда. Јавните ‘sharing’ простори во самата зграда, тргнувајќи од дворот, којшто е заеднички внатрешен двор, којшто ги обединува голем дел од активностите на станарите. Киното којшто е уникатен простор, дизајниран специјално за потребите на станарите. И да биде кино, и простор за јавни настани. Имало на горниот дел заеднички перални, така што, во самата типологија на зградата, тоа е јавниот простор, кој ја дефинирал заедницата“, вели Јовановски.

Во автентичната Железничка зграда, веќе 62 години живее Слободан Кочевиќ – Бајо. За Чичко Бајо проблем е што со текот на годините почнала да исчезнува солидарноста, она човек со човек, комшија со комшија, основна комуникација. Затоа, оживување на заедничките простори значи и оживување на заедништвото.

„Овде имало дечји игри. За девојчиња немало ластик, но имало јаже. Имало машки и женски жмурки, на кутија, челик, возење тркалце. Зимно време бидејќи немало асфалт, туку снег, сме се лизгале со сличуги. Ќе направевме лизгалиште… Така да, атмосферата била друга, сега гледам и децава не се дружат. Гледам јас да ги воспоставам сите работи, да се дружиме. Ние и порано сме функционирале, не сме викале мајстори.. Помага некој ако се разбира електрика, ако се разбира водовод итн.. Сега, никој не контактира со скоро со никого. Порано, каде што седиме сега во летниковецов, сме се дружеле секоја сабота и недела. Еве сега една година не сме седнале, освен за Бадник“, нагласува тој.

Според чичко Бајо, веќе имаат многу добри идеи заедно со Факултетот што не се работи, па очекува властите да ги слушнат нивните потреби и да се санираат и се стават во функција заедничките простори, за да може да се користат од станари, културни дејци, од активисти, млади, стари, истражувачи, организации, разни иницијативи…

Од друга страна, низ земјава зјаат празни и напуштени десетици индустриски објекти. Стојат, а не постојат. Голем дел порано биле во државна сопственост, а сега претставуваат габаритна запуштена декорација во простор, со нејасна имотно-правна состојба.

При ваквата ситуација се роди „Културно ехо“, група на млади ентузијасти што сакаат да дадат живот, смисла, функција на старите индустриски објекти. Организацијата иницира културни активности за да бидат препознаени од граѓаните, да добијат фидбек за ревитализацијата на објектите.

Оттука, Симона Димковска од „Културно ехо“ објаснува дека почетна точка им била напуштениот објект Купром, некогаш голема и значајна фабрика за развој на Влае, Хром и Ѓорче, а сега во катастрофална состојба.

„Целта беше тоа, со еко-акција да ги покренеме граѓаните кои живеат во непосредна близина да се вклучат, да дојдат, да го слушнат настанот, да бидат вклучени во дебатата, и самите да се изјаснат што е тоа што најмногу им смета во врска со овој објект и како би сакале да го видат во иднина. Односно, како го замислуваат, кои се нивните потреби“, нагласува таа.

Кристијан Караџовски од „Културно ехо“ вели дека е Купром е планирана да се руши. Ако некој нешто не се направи, ќе никнат згради, со уште поголемо загадување, а ќе се сопре и струењето на Вардарецот, за чиј проток на воздух се учи уште во основно одделение.

„Иако е градена по посебен индустриски протокол, со главните носечки столбови се во инзвонредна состојба и е погодна за пренамена и ревитализација, тој примитивен профит, како инстант профит во форма на згради и комуналии за општината, е нешто што го коси целиот град, го убива идентитетот. Баш ваквите објекти кои имаат автентична архитектура, се добар начин како борба против ‘Скопје 2014’, за колку толку да си го заштитиме идентитетот. Е, сега, заклучокот е дали идентитетот може да биде предмет на приватна сопственост, очигледно – ДА“, нагласува Караџовски.

Неговиот соборец од „Културно ехо“, Мартин Анастасовски, вели дека локалните власти и институциите немаат претстава дека со ваква иницијатива и се прави услуга на државата, на целата заедница.

Второ, доколку просторот стане самоодржлив, се плаќаат сметки за струја, вода и за сите трошоци за водење на локацијата, тоа би значело бран на активни луѓе. Овде се поклопува и муабетот на чичко Бајо. Наместо да бидат невидлива категорија, младите би биле ангажирани, со визија за себе и општеството.

„Без разлика дали се млади или постари, без разлика на социјалната категорија. Значи, ние сакаме сите да ги инволвираме. Да им дадеме платформа на сите луѓе, на маргинализирани групи, да речеме на родители на деца со посебни потреби.. И, мислам да речеме дека делумно проблемот со неискористениот потенцијал на невладиниот сектор е тоа што многу организации немаат простор каде да се состанат. Знаете, не е тоа ‘тоа’ кога ќе ти дојде некој на кафе. Ние сакаме да создадеме атмосфера каде луѓето ќе дојдат и ќе бидат поттикнати на работа. И тоа ќе можат да го прават бесплатно“, нагласува Атанасовски.

Вакви мултифункционални, одржливи простори веќе постојат низ регионот, Словенија, Косово, низ Европа. И тука би се одржувале состаноци, разни настани, дискусии, кино проекции… Исто така, вели Анастасовски, зошто да не и пензионери да вежбаат јога. Заедницата ќе одлучи што и е потребно, какви акции да се покренат во ваков простор. Само да се најде моделот на функционирање.

Бојан Шашевски 

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.