МПЦ повика на протест во четврток против законите за родова еднаквост и за матична евиденција

Претставници на Македонската Православна Црква денеска на прес-конференција повикаа на протест против предлог законот за родова еднаквост и измените во законот за матична евиденција, кој треба да се одржи во четврток (29 јуни) од 18 часот пред Соборна црква.

Отецот Јаков Стобински тврди дека собирот не е насочен против никого, туку против содржината на законите, што уште не се донесени.

„Ние објаснивме дека експлицитно изразуваме протест против новиот контекст на поимот род, односно дека се злоупотребува на уште поексплицитен начин во предлог-законот за матична евиденција“, рече тој.

Како Црква се оградуваат од „било каква злоупотреба во некакви свои цели“.

„Не поддржуваме говор на омраза, ниту скандирања и повикуваме на мирни протести. Нашето присуство ќе значи дека не се согласуваме со вакви предлог-решенија“, рече Стобиски пред новинарите.

Без одговор останаа прашањата до каде се активностите за изградбата на зградите карши „Холидеј ин“, а чиј сопственик на парцелите е и Македонската православна црква (МПЦ). Стобиски смета дека со вакви прашања се прави дефокус на небитни теми.