Реакција од МТСП: Наративот против родовата еднаквост и ССО е илузија за враќање на патријархалните сфаќања

И од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) упатија реакција откако викендов се одржа трибина „Зошто ‘НЕ’ за сексуалното образование во училиштата“,  во организација на Елеуса Фондацијата.

Оттаму реагираат дека изнесените ставови на трибината, односно дефинициите и поимите, кои се во дискурсот на родовата еднаквост се погрешно интерпретирани, користејќи реторика која е спротивна на основните принципи за човекови права врз кои се заснова Предлог Законот за родова еднаквост.

„Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење за целосно надминување на пречките и создавање услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, без разлика на полот, родот и родовиот идентитет“, се вели во реакцијата.

Од МТСП истакнуваат дека предлог-законот ќе овозможи усогласување со новите ЕУ директиви во насока на поефикасна легислатива за родова еднаквост и  ќе придонесе за јакнење на владеењето на правото, изградба на независни институции и функционален систем на национално и локално ниво.

Од Министерството посочуваат дека наративот против родовата еднаквост вклучително и сексуалното образование е манипулирање на реалноста и илузија за враќање на патријархалните сфаќања, неприфаќање на различностите  и наметнување на дискриминирачки ставови за различноста.

„Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно, да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство и да придонесе за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на  меѓусебна почит“, истакнуваат од МТСП.

Оттаму дополнуваат дека ставовите изнесени на трибината го враќаат општеството  назад, не придонесуваат за подобар квалитет на живеење туку водат кон зајакнување на стереотипите и предрасудите, кон говор на омраза, дискриминација и ксенофобија.

„Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното  обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. Предлог законот за родова еднаквост ја унапредува родова еднаквост во општеството, целиме кон општество без стереотипи, враќањето назад е уназадување на општеството“, велат од Министерството.

Оттаму појаснуваат дека креирањето на законски решенија кои имаат за цел унапредување на правата на сите граѓани, согласно потребите на едно современо општество е приоритет и сериозна обврска во работењето на Министерството за труд и социјална политика.

Платформата за родова еднаквост: Црквата подалеку од женските права!