Активностите на македонските институции не се доволни за родова еднаквост, покажа ревизијата

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за да обезбедат ефективно воспоставување на концептот на еднаквите можности на жените и мажите во процесите на креирање и спроведување на политиките. Ова се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од нивната ревизија на успешност на ефективноста на мерките на Владата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и соодветни буџетски иницијативи за периодот од 2018 до 2020 година.

Со ревизијата на успешност биле опфатени Владата на Северна Македонија, Собранието, министерствата за труд и социјална политика, надворешни работи, одбрана, финансии, животна средина, економија, земјоделство, како и Агенцијата за млади и спорт. Додека за состојбата со преземените мерки за унапредување на еднаквото учество на жените и мажите во политичките партии биле доставени прашалници до шест политички партии.

Ревизорите утврдиле декана национално ниво не биле целосно спроведени мерките и активностите кои се планирани и поставени со тековната Стратегија за родова еднаквост, националните планови за акција и оперативните планови и поради отсуство на мерливи индикатори не може целосно да се следи напредокот на остварените резултати и исполнетоста на специфичните цели. Во извештајот се додава дека Собранието на РСМ не донела ниту Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026 година.

Ревизорите утврдиле и недоволна координација и комуникација помеѓу надлежните институции, недостиг на финансиски средства за спроведување и имплементација на процесот на родова еднаквост и родово одговорно буџетирање.

„На институционално ниво потребно е преземање на активности за подигнување на свеста за значењето на родовата еднаквост на раководните лица во институциите, подобрување на кадровската екипираност за спроведување на процесот на родова еднаквост, како и континуирано стручно усовршување на вработените во институциите за родова еднаквост“, велат од Државниот завод за ревизија.

Ревизијата исто така утврдила дека не се прецизно утврдени ниту активностите, начинот на кој треба да се спроведат и не се создадени целосни услови за спроведување на процесот на родово одговорно буџетирање во сите фази.

„Во Законот за буџетите не е уреден концептот на родово одговорно буџетирање и не се усогласени останатите закони во делот на родовата еднаквост што придонесува за ненавремено и целосно исполнување на родовите цели. Во програмите предвидени со родово буџетските изјави не се поставени соодветни мерливи индикатори и не е извршено сублимирање на постигнатите резултати и прогресот со цел донесување на одлуки за понатамошниот тек на програмите. Констатиравме отсуство на систематизирани работните места координатор за родова еднаквост во министерствата и поголемите органи на државна управа со што не се обезбедува континуитет во спроведување на процесот на родовата еднаквост и родово одговорно буџетирање“, потенцираат од ДЗР.

Ревизорите ја истакнуваат потребата од зајакнување на улогата на комисијата за еднакви можности на жените и мажите, вршење на проценка на влијание на регулативата врз жените и мажите и спроведувањето на пост законодавен надзор. Тие додаваат дека со реализацијата на потребните активности ќе се придонесе за подобрување на родовата еднаквост во земјата.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.