Над половина од раководителите на институции со минимум познавања во областа

Над половина или 55% од раководителите на институции како агенции, управи, претпријатија или единици во состав на министерствата кои се именувани од Владата имаат минимум компетенции во областа во која работат, додека 45% немаат, ова го покажува новото истражување насловено „Кој тоа таму управува?“ на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС).

Во истражувањето на ИДСЦС кое е поделено во три дела, првенствено се анализираат 116 назначувања на раководни кадри, односно анализа на основните компетенции од 41 биографии што ги добиле до 21 март.

„За останатите 75 именувања не добивме одговор. Меѓутоа ја анализираме и постапката, односно компетитивноста на процесот на именувања. Во вториот дел се наоѓа анализа на пет именувања, врз база на подлабинска анализа на содржината на огласите, што е тоа што недостасува, како и анализа на компетенциите во оние случаи каде што ни беше достапна биографија. Не сите студии на случај што ги одбравме имаат анализа на компетенции, бидејќи за некои од овие именувања, каде што постои дури и оглас и формална постапка, каде што требало да се разгледува биографија, институциите не ни ја испратија“, стои во соопштението на ИДСЦС.

Во третиот дел на истражувањето, ИДСЦС прави компетенциска рамка, односно, како што велат, водич за некое идно време, во кое тој што именува ќе се води по тоа да ја разбере суштината на еден комплетен начин на пронаоѓање идеален кандидат или кандидатка,

Истражувањето е достапно на македонски и на албански јазик.