ССНМ: Затворање на дописништвата на МИА е непопуларна и недозволива мерка

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку соопштение изрази жалење поради одлуката на АД МИА за ставање во мирување на неопределено време на дописништвата во Брисел, во Атина и во Вашингтон, како и за најавите за непродолжување на договорите за соработка на дописниците од другите европски градови.

Оттаму велат дека се свесни за економската криза, односно за мерките за штедење кои беа наметнати на државните институции и претпријатија, меѓутоа се надеваат дека ќе се направат напори и ќе се изнајдат начини во најкус можен рок дописништвата да не престанат со работа.

„Сметаме дека не смее да биде дозволено државна новинска агенција како што е МИА да нема свои дописници во едни од најважните главни градови во светот, особено во овој период на комплицирани и предизвикувачки меѓународни односи во светот. Потенцираме дека особено е важно македонските граѓани да бидат објективно и навремено информирани директно од новинари кои се на местото на случување, особено за процеси како што се на пример пристапувањето кон Европската Унија, како во Брисел, така и во другите главни градови на земјите членки на ЕУ“, велат од ССНМ.

Со ваквата одлука на МИА предизвикана од одлуката на Владата за штедење, според ССНМ директно се влијае и на несигурноста на работните места на новинарите и медиумските работници, но и врз стандардите и нормите за објективно и професионално известување за случувањата во светот.

Владата, како основач на МИА и контролор на нејзината работа, од ССНМ велат дека треба да води особена грижа за присутноста на државната новинска агенција во важните светски центри. Па така, тие ја повикуваат Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно и комплетно функционирање на овој медиум.