„Седмата сила“ во проблеми за регрутација на кадри

Новинарството, професија позната како „седма сила“ и како јавно добро, е во незавидна положба. Медиумите во сите форми (весници, радио, ТВ и портали) се соочени со проблеми за кадровско екипирање на редакциите. Интересот за работа е во континуиран пад, како и интересот за студирање. Бројот на кандидати кои, по завршување на средното образование, пројавуваат желба за студии по новинарство во последните години е поразителен. Па, оправдано се поставува прашањето за причините на таквата состојба и за последиците на среден и долг рок, пишува во новата публикација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Една од нив, можеби и најважна, е секако од финансиска природа. Перцепцијата дека најголем дел од вработените во медиумите имаат ниски плати, недоволна заштита и безбедност при работа, неизвесност за наоѓање на работен ангажман по студиите, договори на определено време кои не нудат максимална сигурност во време во кое сè поприсутна е фразата „ништо не е сигурно“, се само дел од факторите кои ги одвраќаат потенцијалните студенти по новинарство. Криза на медиумите, пред сè, значи криза на новинарството и неговиот интегритет.

„Нема интерес за студии по новинарство. Од 50 слободни места на студиите по новинарство за академската година 2022/23, во првиот уписен рок се пријавија само двајца кандидати. Остануваат уште два уписни рока. Ако нивната бројка не биде поголема од пет, нема да може да се формира група, па наставата за нив ќе се одвива менторски“, вели Игор Стојанов, главен и одговорен уредник во одделот за радио и ТВ на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Проблемот за ваквата слика, според него, е мултифакторијален.

„Прво, пред да станат студенти, потенцијалните студенти се публика. Во таква улога, тие ги следат медиумите и содржините што се продуцираат, слушаат искуства и од сето тоа добиваат впечаток дека медиумите се наоѓаат на ниски гранки. Втората причина се малите можности за вработување во источна Македонија. Трето, 90 отсто од медиумските работници во овој дел од државата имаат потпросечна плата, а само 10 отсто е со месечни примања над просекот“, се дел од причините што ги наведува Стојанов од анализата на Штипскиот универзитет за слабиот интерес за студиите по новинарство на кои идните новинари имаат можност за градење на стил на пишување и учење и лична надградба на новинарските жанрови преку две публикации – „Бруцош“, која е чисто студентски производ, „Студентско ехо“, но и универзитетско радио, видео продукција, интернет страницата www.goce.mk.

Пазарот несомнено има и игра клучна улога за иднината на студентите по новинарство, смета Стојанов, но освен проблемите што го истакна од анализата, тој додава уште неколку за поразителниот одзив за студиите по новинарство.

„Нема соодветни школи, нема соодветни професори, нема соодветни учебници, а по Закон треба да се обезбедат. Едноставно нема квалитетно новинарство, без квалитетни новинарски школи. На национално ниво, проблем е што нема вмрежување на универзитетите кои во своите програми имаат студии по новинарство. Наместо да соработуваат, тие се гледаат како конкуренција. И третиот момент за слабиот одзив за студирање генерално кај нас е нелојалната конкуренција од универзитетите во Словенија. Државата дава стипендии за студенти од странство на тамошните факултети, што е привлечна опција за македонските студенти, откако словенечките студенти почнаа да се школуваат на факултети во Германија, Австрија и други земји на Европската Унија. Затоа македонската држава мора да се позанимава со ваквиот проблем и да изнајде сеопфатно решение за новинарството кај нас“, посочува Стојанов.

Неопходни се реформи на студиите по новинарство, потребна е пракса

Како причина за бледиот интерес за студирање на новинарство, новинарите од помладата генерација ги посочуваат и стерилните програми на универзитетите. Според нив недостасува пракса бидејќи, како што велат, многу малку може да се стекне искуство само преку теорија од студентските клупи.

„Самиот факт што секоја година се запишуваат сѐ помалку млади на студиите по новинарство е показател на тоа колку малку всушност преземаат образовните институции за оваа струка. Искрено сметам дека ретко кој млад новинар се стекнал со големо искуство при неговото студирање. Со седнувањето во редакција, младите почнуваат од нула, односно како првпат да се сретнуваат со струката. И добро и лошо е што кругот на млади новинари е мал, па медиумите немаат огромен простор да бираат, а за младите тоа е добро бидејќи лесно можат да се вработат“, вели Борјан Бојчев од „Слободен печат“.

Според него, со недоволно квалитетното обучување кај младите новинари, полека се губи и квалитетот во професијата.

„Уредниците во редакциите се оние кои ги учат младите новинари на основните работи во оваа струка, што треба да е работа на професорите. Студиите по новинарство, според мене, но верувам и многу други кои дипломирале на овие студии, не се доволно посветени на новинарството. Сметам дека оваа работа е повеќе практична, а образованието ретко нуди пракса за студентите кои учат новинарство, каде подоцна ќе можат да научат повеќе за професијата. Младите новинари се оставени сами на себе да се снаоѓаат и да учат од грешките кои ќе ги имаат во работењето“, додава Бојчев.

Пракса, работа, недоволно искуство, мали плати, но голема желба

За искуство треба сами да се погрижат, почнуваат со работа уште во текот на студиите што сами ја бараат оти факултетите не им ја овозможуваат, мали плати се предизвиците со кои се соочуваат младите новинари и за време на студиите и по нивно завршување.

Да се биде млад новинар во Македонија е навистина сериозен предизвик. Верувам дека е така и за секоја друга професија, но доколку за студии по новинарство се одлучите на некој од државните универзитети во земјава, тогаш знаењето во оваа професија ќе морате да го барате сами. Во текот на студиите се изоставени стручните новинарски предмети или се ставени како изборни, додека пак дури и кога ќе завршите факултет сите ви бараат искуство за да се вработите“, истакнува Михаило Донев од ТВ 24.

Многу колеги, меѓу кои и самиот како што вели, спасот од оваа ситуација го наоѓаат преку работа уште во текот на студирањето, без разлика дали е тоа пракса во телевизија или онлајн медиуми.

„Секако, и тоа е проблем бидејќи морате да си најдете работа/пракса сами, оти државните факултети повеќе тоа не ви го овозможуваат. Друг проблем се платите, па и кога ќе најдете стабилна работа повторно останувате разочарани. Сепак, желбата за професијата и трудот кај младите новинари обично се големи, па тоа е она што ги надоместува сите претходно наведени работи кои навистина претставуваат проблем за сите, посебно за младите новинари“, посочува Донев.

Девет пати помалку студенти по новинарство на УКИМ во последните 15 години

Само две години во последните 16 се запишале трицифрен број на студенти по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во академската 2006/07 година ги имало 148, додека во 2010/11 се запишале 108, покажуваат бројките во истражувањето до кои дојде ПИНА. Бројот, пак, на запишани студенти на новинарство на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е шесткратно паднат.

Покрај тоа што од година во година сè помалку се запишуваат студенти во прва година на новинарство, мала е заинтересираноста и за мастер студиите за новинарство, од кои половина се укинати, вели извештајот на ПИНА.

Ѓургица Бојчовска, студентка на новинарство, на Правниот факултет „Јустинијан Први”, за ПИНА вели дека се запишала на студиите по новинарство затоа што имала голема желба да научи повеќе за оваа професија.

„На почетокот мислев ќе научам многу на факултетот, но тоа не беше така. На  студиите по новинарство имаме само два задолжителни предмета поврзани со новинарството. Другите предмети се изборни, иако треба да се задолжителни. Исто така, македонски јазик и странски јазик ги имавме само во една година, а на факултет на кој треба да имаме задолжителна пракса, преку која ќе можеме да научиме многу повеќе, ја немаме. Работа како новинар е тешко да се најде овде кај нас во Македонија. Треба да имаш врски да те вработат“, го споделува своето искуство Бојчовска за ПИНА.

Младите новинари повеќе учат преку неформално образование, отколку на факултет

Новинарските факултети мора да се реформираат, а неформалното образование, во време на криза, пробува да ги пополни празнините во едукацијата на младите новинари, е еден од заклучоците на дискусијата „Потенцијалот на неформалното новинарско образование“ од 2019 година во рамки на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.

Учесниците на дискусијата укажаа на малите можности за учење преку практична работа и примери за време на студиите, до застарениот материјал за учење и формите на известување кои се помалку се употребуваат во новинарството. Покрај тоа, нагласија тие дека студиските програми мора да претрпат промени, бидејќи тоа што се изучувало пред 10 или 20 години, не може да се изучува и денес.

Новинар: Сашко Димовски

Текстот е објавен во новата публикација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.