Анкета: Со плата под просекот, пола од младите новинари сакаат да ja напуштат професијата

Половина од младите новинари, 54,5%, би ја напуштиле професијата ако им се укаже прилика. 72,7 % немаат ментор кога започнувата да работат, а 62 проценти од новинарите на возраст од 18-35 години земаат плата пониска од просечната.

Ова се клучни податоци од анкетата на што во текот на октомври ја спроведе Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Прашањата беа за различни фактори кои влијаат врз работа, како новинарите се соочуваат со пандемијата и брзиот проток на (не)проверени информации на интернет, но и дали имаат и финансиска поткрепа за справување со ценовните шокови од енергетската криза. Во анкетата учествуваа 150 новинари и медиумски работници, 51,7 отсто oд анкетираните се на возраст од 18 до 35 години.

Младите новинари најприсурни на телевизија и интернет

„Иако интернетот денес сè повеќе го зазема приматот на главен извор на информации, сепак доминантен медиум во кој младите работат е телевизијата, односно 51,9 отсто од анкетираните. Втор по застапеност е токму интернет просторот каде 40 отсто од младите новинари работат во портал. Само 6 отсто од анкетираните работат во радио, додека само еден отсто од анкетираните работи во печатен медиум“, објави ССНМ.

Младите од 18 до 35 години генерално работат како новинари со полно работно време или 63,6 отсто од анкетираните.

Според анкетата на ССНМ, има значително поголем број на млади уредници отколку дописници. Девет од анкетираните лица одговориле дека работат како уредници во медиум, само еден од нив работи како дописник за национални и меѓународни медиуми, додека 18 отсто од младите медиумски работници работат како сниматели, монтажери, фоторепорери и режисери.

Голем процент на младите новинари не студирале новинарство

Поголемата достапност до образование на младите генерации се пресликува и во резултатите на анкетата каде 79 отсто од младите медиумски работници имаат високо образование, а само 3,8 отсто од нив се со вишо, односно 16,8 отсто со средно образование.

„Најголем дел од младите новинари имаат високо или вишо образование во областа на новинарството, односно 58,5 отсто. Сепак, високи 41,5 отсто од анкетираните студирале на различни факултети со што се покажува дека работата во медиумите е привлечна и за младата популација од другите области“, стои во објавата на ССНМ.

Младите новинари на почетоците на својата кариера немале менторство од поискусните колеги. Дури 72,7 отсто од анкетираните одговориле дека немале назначен ментор кои би ги вовел во работните обврски. Иако сопствениците и уредниците дозволуваат отсуство од работа за обуки, во најголем процент професионалното надградување останува задача на самите млади. Па така, 56 отсто од анкетираните одговориле дека сами се снаоѓаат во пронаоѓање на дополнително неформално образование.

62 проценти од младите новинари имаат плата под просечната

Просечната месечна исплатена нето-плата на државно ниво, според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2021 година, изнесувала 28.869 денари. Но, платата на најголем дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 отсто од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 отсто дека имаат плата повисока од 30.000 денари.

„Плата на први” е синтагма која за најголем дел од младите новинари, за жал, не важи, односно 66 отсто од анкетираните одговориле дека платата jа добиваат до 15-ти во месецот. Само 26 отсто рекле дека ја земаат платата на први, додека тројца испитаници рекле дека платата им доцни, односно дека истата ја земаат секој месец на различен датум. Ваквите трендови на исплаќање на новинарскиот труд ги прават 61 отсто од младите новинари воглавно незадоволни од примањата. За да ја изработат својата плата, 74 отсто од младите новинари одговориле дека во просек работат по 40 часа неделно и на 62 отсто од нив им е регистирано работното време.

Статусот на младите во медиумите доминантно е вработен/а на неопределено време, односно 50,6 отсто, додека само 32,4 отсто од младите се вработени на определено време. Останатите 14 отсто, односно 2,5 отсто, работат хонорарно во еден, односно повеќе медиуми.

Новите генерации во борбата против лажните вести

Во новото динамично време, во кое најголем ден од информациите се добиваат преку интернет и каде генерално не постои регулативна рамка која ја гарантира точноста, младите новинари според одговорите на анкетата, се поставуваат како филтер пред конечното објавување. Дури 97 отсто од анкетираните новинари до 35 години одговориле дека не се соочиле со ситуација во која свесно пласирале дезинформација, со цел зголемување на популарноста на нивниот медиум. Оние кои имале такво искуство, одговориле дека иницијативата за пласирање на таква вест доаѓала од уредникот.

Младите новинари не се имуни на предизвиците од пандемијата

Како и во сите области на нашето живеење и работење, ниту новинарството не беше отпорно на промените кои ги поттикна ковид 19 кризата. Шеесет и пет отсто од младите анкетирани новинари и медиумски работници одговорија дека известувањето за време на пандемијата имало влијание врз нивното ментално здравје. Стрес, анксиозност и страв по сопственото здравје се најчестите описи за тоа како се чувстувале младите новинари за време на извршување на работните обврски во пандемиски околности.

„Лошите слики што ги гледаме на екран или на некој сајт не влијаат ни малку исто кога ги гледате пред ваши очи. Тоа не се заборава”, е една од изјавите на новинарите.

Пандемијата влијае и на другите медиумски работници кои на терен одблиску се соочуваат со вирусот и во најголем дел не се чувстуваат заштитени од ризикот за можна зараза при извршување на работните задачи. Дури 63,6 отсто од анкетираните одговориле дека работодавците немаат обезбедено осигурување во случај на повреда на работното место.

„Стравувам да не се заразам, бидејќи нема никогаш реално решение за нас снимателите. Премногу тесни простории и слично”, коментира еден од снимателите на терен.

Според ССНМ, сите овие фактори придонесуваат сè повеќе младите новинари и медиумски работници да размислуваат за алтернативна замена за својата професија, а 54,5 отсто од младите новинари одговориле дека би ги напуштиле медиумите, доколку им се укаже прилика.