Младите новинари повеќе учат преку неформално образование, отколку на факултет

Новинарските факултети мора да се реформираат, а во време на криза неформалното образование пробува да ги пополни празнините во едукацијата на младите новинари. Ова е еден од заклучоците на денешната дискусијата „Потенцијалот на неформалното новинарско образование“, организирана во рамки на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.

Учесниците во дискусијата се обидоа да одговорат и на прашањата какви потенцијали имаат ваквите иницијативи, дали се подготвени и дали треба да ги предводат идните генерации новинари, но и дали е можна реформа на формалното образование кои ги подготвува младите новинари за својата идна професија.

Ангела Петровска, од ЦИВИЛ медиа, зборуваше за нејзините искуства низ студирањето новинарство и ги посочи проблемите со кои се соочуваат студентите, како малите можности за учење преку практична работа и примери, па се до застарениот материјал за учење и формите на известување кои веќе не се употребуваат но новинарството, а се уште се предаваат. Таа истакна дека на факултетот не предаваат новинари

„Немавме новинари кои што ни предаваа на факултетот, имаше само еден професор кој порано работел како новинар, Томе Груевски и Даниела Блажевска, кои што ни помагаа и не учеа“ – изјави Петровска.

Емилија Петреска од Радио МОФ со публиката го сподели своето искуство од Високата школа за односи со јавноста, каде што поголемиот дел од студиите за новинарство биле преку практична работа.

„Додека на Правен првиот академски час е обраќање на декани и продекани, ние на нашиот прв академски час имавме предавање што е вест, а потоа имавме задача да најдеме вест и да ја пратиме на професорката. Меѓутоа, тоа што навистина недостига и на државните и на приватни факултети е поготвувањето за предизвиците и проблемите со кои се соочува новинарот по завршување на студиите“ – го затвори своето излагање Петреска.

Милена Атанасоска-Манасиева од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и Факултети.мк потсети дека годинава на Штипскиот универзитет во отсекот по новинарство се запишале само пет студенти, додека на Правниот само 12, наспроти 2001 година кога бројката на бруцоши била 120. Таа како пример за практична работа го посочи и студентското новинарско списание „СТАВ“ кое престана да се печати во 2006 година.

„Студиските програми мора да претрпат промени, тоа што се изучувало пред 10-20 години не може да се изучува и денес. Додека тука на фестивалот гледаме како новинарите ја употребуваат технологијата за виртуелна реалност за да известуваат, на факултетите се учи како се печатат весници“, заклучи Атанасоска-Манасиева.

Сефер Селими од „Democracy Lab“ ја посочи важноста на младите новинари за правилно функционирање на демократијата во државата.

„Неформалното образование може да биде поттик за прогрес, е пофлексибилно и поекспериментално, но не знам колку е одржливо на долг рок. Сепак, поголемо внимание треба да се даде на формалното образование и негово редизајнирање. Се чини дека има отпор од самите професори и самите универзитети за нештата да се променат. Едноставно, се држат до истите стандарди, принципи и програма и се одбивни кон поголема иновативност. Во вакви кризни моменти, неформалното образование и тоа како може да ги пополни празнините во формалното образование“, изјави Селими кој појасни дека поради тоа неговата организација годинава организира и Школа за млади новинари.

Како што беше посочено од страна на модераторот Даниел Евросимоски од Радио МОФ, на дискусијата бил поканет и претставник од студиите по новинарство од Правниот факултет „Јустинијан Први“, но оттаму не дојде говорник.

Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје кој е во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје трае до 2 ноември годинава во Кино Култура. Целосната програма може да ја погледнете ТУКА.

Ивана Смилевска