Десетици илјади здравствени работници во Мадрид протестираа против кратење на буџетот за здравство

Десетици илјади здравствени работници вчера излегоа на улиците во Мадрид за да протестираат за кратење на здравствениот буџет од регионалната влада.

Носејќи бели мантили и удирајќи во тапани многу од присутните извикуваа: „кратење на јавното здравство е криминал“.

Според проценките на регионалната влада на демонстрациите учествувале околу 30.000 луѓе.

Регионалната влада во Мадрид, предводена од Изабел Диаз Ајусо, последниве години е силно критикувана особено по почетокот на пандемијата со Ковид-19 поради лошото менаџирање со вработените во болниците и примарните здравствени центри. Демонстрантите сметаат дека кратењето на јавноздравствените услуги се прави со цел да се фаворизира приватното здравство.

Дополнително, организаторите на протестот, тврдат дека иако Мадрид е главниот град на Шпанија, во еден од најбогатите региони, финансирањето на здравството во овој град по глава на жител е меѓу најниските во земјата.

„Имаме околу 40 или 50 пациенти дневно и можеме да им обезбедиме по околу шест минути на секого од нив. Проблемот е што не ни даваат можност да обезбедиме соодветна нега на пациентите“, вели за Ројтерс Ана Енсинас, 62-годишна докторка која работи во примарното здравство во Мадрид веќе 37 години.

Ајусо ги отфрла обвинувањата дека нејзината администрација прави штета на јавното здравство фаворизирајќи го приватниот сектор, додавајќи дека демонстрациите се оркестрирани од левичарските партии пред општинските и регионалните избори кои ќе се одржат оваа година.

Минатиот ноември десетици илјади луѓе маршираа низ центарот на Мадрид во поддршка на здравствените работници со барање да им се обезбедат подобри работни услови.