Стотици демонстранти приведени на анти-воените протести низ Русија

Голем број анти-воени демонстранти се приведени синоќа во Москва и Санкт Петербург на собирите со кои граѓаните бараа ставање крај на руската воена инвазија врз Украина.

Полицијата во Санкт Петербург, родниот град на претседателот Владимир Путин, насилно ги растурила протестите и уапсила околу 100-тина луѓе, потврди новинар од АФП кој бил на лице место.

Во Москва, пак, полицијата го блокираше централниот Црвен плоштад во близина на Кремљ и уапсила најмалку седум луѓе кои се вклучиле во протестот.

„Не можам да седам дома. Оваа војна мора да биде спречена“, изјавил 21-годишниот студент, Антон Кислов за АФП.

„Ме боли да гледам што се случува и да не правам ништо околу тоа“, изјавил еден педесетгодишен човек, пред да биде приведен заедно со неговиот 17-годишен син.

Независната група ОВД-Инфо, која ги набљудува кршењата на човековите права во Русија, информираа дека на вчерашните протести биле приведени најмалку 724 лица. Од организацијата посочуваат дека повеќе од 7.500 граѓани во Русија досега се приведени на демонстрациите против руската инвазија на Украина која започна пред една недела.

Синоќешните протести беа поттикнати и од повикот на главниот критичар на Путин, Алексеј Навални, кој од затворот во кој се наоѓа испрати порака до граѓаните од Русија да излезат и да протестираат против воениот напад, додавајќи дека Русија не смее да биде „нација на исплашени кукавици“.