„Престанете да нè силувате“ – демонстрантка протестираше на црвениот тепих во Кан по случувањата во Украина

Гола жена со порака испишана на нејзиното тело вчера истрча на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал во знак на протест против случаи на силувања за кои ги обвинува руските војници во Украина, пренесува „Н1“.

Демонстрантката ја соблече облеката на црвениот тепих и ја покажа пораката „Престанете да нè силувате“, испишана на нејзиното тело со боите на украинското знаме.

Украинските власти претходно наведоа дека истражуваат случаи на силувања кои ги прават руски војници за време на инвазијата во одредени делови од земјата.

Свеченото отворање на 75. Кански филмски фестивал беше во вторникот вечерта, на кое беше емитувана и видео порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во контекст на војната во Украина, организаторите на фестивалот решија да ги одбијат акредитациите на сите руски филмаџии, но и на новинарите кои на било кој начин се поврзани со руската влада.