Украинските власти бесни откако „Амнести“ ги обвини за загрозување цивилни животи

Властите во Киев бурно реагираа на новиот извештај на „Амнести Интернешнал“ во кој се обвинува дека Украина ги загрозува човековите права на домашното население во војната со Русија.

Во извештајот објавен вчера, хуманитарната организација тврди дека украинската војска ги загрозила животите на цивилното население со поставување бази и оружје во резиденцијални зони, меѓу кои и во близина на училишта и болници, при нивните обиди да се одбранат од руската инвазија.

„Украинската тактика го прекршува меѓународното хуманитарно право, бидејќи претвораат цивилни објекти во воени мети. Како резултат на тоа руските напади во населени места убија цивили и уништија цивилна инфраструктура“, велат од „Амнести“, пренесува Еуроњуз.

„Агресијата против нашата држава е неправедна, инвазивна и терористичка. Доколку некој напише извештај во кој жртвата и агресорот на некој начин се ставаат на исто рамниште, ако се анализираат дел од информациите за жртвата, а се игнорираат активностите на сторителот, тогаш тоа не може да биде толерирано“, рече Зеленски во неговото обраќање синоќа.

Во извештајот, кој е заснован на повеќенеделни истражувања во Харков и регионите Донбас и Миколаив, „Амнести“ ги повикаа украинските воени сили да го почитуваат законот.

„Тоа што се наоѓа во одбранбена позиција не ја исклучува украинската војска од обврската за почитување на меѓународното хуманитарно право“, вели Агнес Каламард, генералната директорка на организацијата за заштита на човековите права.

Меѓународното хуманитарно право налага сите страни во конфликтот да избегнуваат лоцирање на воени цели во близина на густо населени места. Дополнително обврска е и да се заштитат цивилите од опасност преку нивно отстранување од локации во близина на воени објекти и обезбедување на предупредување за напади кои можат да се случат меѓу цивилната популација.