Активисти од Хонг Конг осудени за мирните протести од 2019

Седуммина од најистакнатите про-демократски активисти во Хонг Конг прогласени за виновни поради поврзаност со недозволените протести во земјата, кои беа организирани во 2019 година.

По едномесечен судски процес обвинетите беа осудени за организирање и учество во протестите. Тие сега се соочуваат со затворски казни до 10 години, кои ќе бидат соопштени по неколку дена, иако се очекува нивната казна да биде поблага.

Меѓу осудените се наоѓа и 82-годишниот Мартин Ли, кој се смета за „татко на демократијата“ во Хонг Конг, како и медиумскиот магнат Џими Лаи. Дополнително, за виновни беа прогласени и долгогодишните активисти Ли Чеук-ван и Леунг Квог-хунг, како и поранешните пратеници Маргарет Нг, Сид Хо Сау-лан и правникот Хо Чун-јан.

Пред пресудата мала група приврзаници пред судот истакнаа транспаренти на кој пишуваше „против политичките прогони“ и „пет барања и ништо помалку од тоа“, потсетување на паролите од протестите кои се случија пред две години.

Ли Чеук-ван пред да влезе во судот пред медиумите изјавил дека ова обвинение против него го смета за политичка одмазда, додавајќи дека ќе продолжат да се борат за нивните барања.

Процесот е поврзан со големиот протест одржан на 18 август 2019 кога околу 1,7 милиони луѓе мирно маршираа по улиците на Хонг Конг спротивно на полициската забрана. Организаторите на демонстрациите, Фронтот за човекови права, добиле дозвола собирот да го одржат во Паркот „Викторија“, но немале дозвола и да маршираат.