Стотици туристи заглавени во Мачу Пикчу поради протестите во Перу

Околу 300 туристи од целиот свет се заглавени во древниот град Мачу Пикчу откако во Перу беше прогласена вонредна состојба поради падот од власт на претседателот на државата.

На поранешниот претседател Педро Кастиљо му беше изгласан импичмент, а потоа беше и уапсен на почетокот на декември, откако тој најави дека сака да го распушти перуанскиот конгрес. На улиците низ земјата по неговото апсење избија демонстрации, а меѓународната заедница испрати предупредувања за сите кои патуваат во Перу.

Градоначалникот на Мачу Пикчу, Дарвин Бака, изјави дека на локацијата се заглавени Перуанци, но и странци од Јужна и Северна Америка и Европа.

„Побаравме од владата да ни помогне со воведување хеликоптерски летови со цел да се евакуираат туристите. Единствен начин да се стигне до градот е преку воз, а железницата е во прекин на неодредено време“, рече Бака во петокот.

Истовремено градоначалникот предупреди дека древниот град на Инките се соочува со недостаток на храна поради протестите кои ја зафатија земјата и поради локалната економија која е целосно зависна од Туризам.

Во делови од земјата се случуваат судири меѓу демонстрантите и полицијата, а на протестите во Перу засега се убиени најмалку 20 луѓе.

Насилството изби изминатава недела по неколкуте дена протести поради симнувањето од власт на претседателот Кастиљо, кој доби импичмент откако се обиде да го разреши конгресот и да владее со декрет со цел да избегне гласање против него покренато поради наводи за корупција. На демонстрациите се бара смена на сите пратеници, враќање на Кастиљо и оставка на неговата наследничка, Дина Буларте.

Во средата новата влада на Буларте прогласи 30-дневна вонредна состојба во земјата, ја распореди армијата на улиците и го забрани правото на собири и слобода на движење.

Убиените демонстранти предизвикаа револт и ги разгореа протестите во главниот град Лима и поголемите регионални центри. Во знак на протест два министри поднесоа оставка, со изговор дека „државното насилство не смее да биде непропорционално и да води кон смртни случаи“.

Директорката на американскиот оддел на Амнести Интернешнал, Ерика Гевара Рохас, повика преку дијалог да се спречи ескалацијата на насилството. Таа исто така повика војската да се повлече од контролата врз протестите.