[Видео] Масовни протести во Монголија, демонстрантите се обидоа да упаднат во зградата на Владата

Илјадници граѓани и покрај ниските температури во Монголија вчера протестираа против наводната корупција во државната индустрија со јаглен и растечката инфлација. Дел од граѓаните се обидоа и да упаднат во зградата на Владата.

Демонстрантите, меѓу кои имаше голем број млади луѓе, маршираа до централниот плоштад во главниот град Улан Батор на температури од -21 степен целзиусов и бараа правда против корумпираните политичари, како и распуштање на државниот парламент.

„Помогнете ни, нашата земја се распаѓа“, пишуваше на еден од транспарентите на протестот.

Граѓаните се револтирани од лошата економија во земјата, каде инфлацијата се искачи до 15,2% по руската инвазија на Украина, а беа затворени и границите со соседната Кина, што влијаеше врз трговијата.

Бесот на граѓаните беше дополнително засилен откако „свиркачи“ објавија дека група пратеници, кои имаат блиски врски со индустријата на јаглен во земјата, украле милијарди долари.

Луѓето се вознемирени и бесни поради овој случај бидејќи им беше ветено дека богатството на државата ќе биде делено со нив“, објаснува Јана Зилкова, од хуманитарната организација Каритас во Улан Батор за Ал Џазира.

Полицијата се обидела да ги растури демонстрациите во 21 часот по локално време, но дел од граѓаните се обиделе да упаднат во владината зграда, рушејќи ги бариерите и кршејќи ги прозорите на зградата, пренесуваат локалните медиуми. Полицијата потоа интервенирала и најголем дел од луѓето го напуштиле плоштадот во следните два часа.

Минатиот месец телото за анти-корупција на Монголија информираше дека повеќе од 30 функционери, меѓу нив и директорот на државната компанија за јаглен, се под истрага за злоупотреба на јавни средства.

Компанијата контролира депозити во кои се наоѓаат 7,5 милијарди тони металуршки јаглен, кој се користи за производството на метали и е главен двигател на буџетските приходи на Монголија. 86% од извозот на Монголија оди во Кина, а јагленот сочинува половина од овој извоз. Една четвртина од бруто-домашниот производ на земјата доаѓа од рударството.